Железничката компанија „Хеленик треин“ најави прекин на сите возови за утре, поради штрајкот што го распиша Панхеленската железничка федерација, пренесува „Прототема“.
Во писмо од 7 февруари, грчкиот синдикат на железничари укажува на бројни проблеми во грчките железници. Во писмото наведуваат дека „додека не се преземат заштитни мерки на работните места и безбедно функционирање и сообраќај на возовите, нема крај на несреќите“.
Претседателот на „Грчките железници“, Костас Генидунијас, вели дека на релација Атина-Солун нема семафори, индикатори, ниту контрола на сообраќајот и дека сѐ се прави рачно.
Грчките власти денеска го приведоа шефот на железничката станица во Лариса, по судирот на два воза во градот Темпи, недалеку од тој град. Шефот на станицата, за кој се смета дека сноси најголема одговорност за несреќата, се извини на сослушувањето во обвинителството, по што беше пуштен на слобода.
На местото на настанот излезе обвинител кој ќе спроведе истрага за прекршоци за безбедност во сообраќајот со смртен исход, пренесува „Катимерини“. Тоа се третира како кривично дело за кое е предвидена казна затвор од 10 години до доживотен затвор.
На улиците во Атина вечерва избувнаа нереди кога голем број демонстранти, лути на власта, излегоа на улиците.
Причина за гневот е што Владата ја приватизираше железничката компанија „Хеленик Трејн“ која во моментов оперира со патнички и товарни возови. Полицијата со солзавец се обиде да ги спречи луѓето на улиците.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис вечерва изјави дека сè укажува дека човечка грешка е причина за несреќата во која загинаа повеќе од 40 лица, но дека ќе биде формирана независна комисија од експерти која ќе истражи сѐ. Тој потсети дека министерот за транспорт и инфраструктура Константинос Караманлис, преземајќи објективна политичка одговорност, веднаш поднесе оставка.
Во Грција е прогласена тридневна жалост поради ужасната трагедијa.