Во рамките на ЕХФ-неделата, репрезентацијата на Македонија ќе одигра две пријателски средби, утре и в сабота, како подготовка за баражот со Украина, за пласман на СП 2023

РАКОМЕТАРКИТЕ ДЕНЕСКА ПАТУВААТ ЗА АНКАРА ЗА ДВА ТЕСТ-МЕЧА СО ТУРЦИЈА

Македонската женска сениорска репрезентација ќе ја искористи неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ) за две пријателски средби во Анкара (утре и в сабота) со селекцијата на Турција.
– Во Анкара ќе играме некомплетни. Елена Ѓорѓиевска полека се рехабилитира од повредата, но нема да ризикуваме, Моника Јанеска има натпревар во ЕХФ-купот, Леонида Гичевска има, исто така, клупски обврски, а како што знаеме Симона Стојковска ја скрши ногата, што значи четири квалитетни ракометарки ќе бидат отсутни. Но тука се искусните интернационалки Сара Ристовска, Јована Саздовска, Сања Дабевска, Јована Кипријанова и двете голманки, Јована Мицевска и Драгана Петковска, а другите се млади ракометарки од домашните клубови, со кои и претходно сме работеле во Скопје. Атмосферата во репрезентацијата е добра, а овие средби ќе ги искористиме да испробаме некои замислени варијанти, што добро би ни дошле пред баражот што нѐ очекува со репрезентацијата на Украина во април – вели селекторот Љубомир Савевски.
Бараж-дуелите со Украина за пласман на Светското првенство годинава во Данска, Норвешка и во Шведска се закажани за 8 април во Скопје и за 11 април во унгарскиот град Кишварда.
– Украина оваа недела на ЕХФ ќе ја искористи за дуел со Романија и секако дека ќе ја анализираме нивната игра. Во секој случај се работи за мошне сериозна и добра селекција, која е фаворит во бараж-дуелот со нас за СП. Но мислам дека Украина, сепак, беше најдобрата селекција што ја добивме од барабанот, оти ако игравме со Германија или со Холандија ќе немавме никакви шанси, а згора како гости ќе играме во Унгарија – вели Савевски. Г.И.