Русија не се меша во внатрешните работи на Македонија

Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Македонија


Се заокружи една година откако главниот геополитички глобален и европски предизвик се идентификува во барањето решение за руско-украинскиот конфликт. Постојат ли реални основи за надеж дека овој оружен (воен) конфликт на европско тло може да биде надминат во брзо време?

– Прво да разјасниме, не треба да станува збор за руско-украинскиот конфликт, ние многупати изјавувавме дека не сме во војна со народот на Украина, кој самиот стана заложник на режимот во Киев и на неговите западни господари. А токму тие се целосно одговорни за поттикнувањето борбени дејства и за нивна ескалација.

Ние спроведуваме специјална воена операција за да ги заштитиме животите на луѓето – на населението во Донецката Народна Република и Луганската Народна Република, како и на Запорошката област и Херсонската област, кои се неодвоив дел на Руската Федерација – за да го заштитиме нашиот роден дом. И ова е принципиелно важно за разбирање на суштината на настаните. Убеден сум дека читателите на „Нова Македонија“ и македонските граѓани јасно разбираат што навистина се случува.
Што се однесува до изгледите за надминување, нашиот став е добропознат и не е променет. За мир во Украина е потребна политичка волја на Западот и на Киев – во Москва сè уште не го гледаме тоа. САД и НАТО отворено изјавуваат дека целта им е да ѝ нанесат стратегиски пораз на Русија…

Пред сè, мора да се запре гранатирањето на руските градови, да се положи оружјето. Потоа ќе може да се разговара за нови реалности.

Минатата недела, во своето обраќање до Федералното собрание на Руската Федерација, претседателот Владимир Путин истакна дека од 2014 година правиме сè што е можно проблемот да се реши со мирни средства и трпеливо преговаравме. Но западните елити подготвуваа поинакво, агресивно сценарио. Тие ја започнаа војната, а ние користиме сила за да ја запреме.

Во оваа насока, нагласувам – специјалната воена операција ќе заврши со исполнување од страна на оружените сили на Руската Федерација на сите задачи што се поставени пред нив.

Постои ли простор за комуникација и одредена соработка (и како би го идентификувале или опишале тој простор), и покрај различните официјални државни позиции околу конфликтот во Украина, на Русија со Македонија, како и со земјите во регионот?
– Русија отсекогаш била отворена за сеопфатна соработка со вашата земја – во тие области и до тој степен до кој им одговара на интересите на секоја од страните. Со децении, буквално од самото прогласување на независноста на Македонија, и во Москва и во Скопје се работеше – и тоа доста успешно – на градење билатерални односи и нивно проширување на нови области.

Сепак, од февруари 2022 година, властите на Северна Македонија ја одбија конструктивната интеракција и презедоа неколку непријателски чекори, кои сериозно им наштетија на односите. Како што веројатно знаете, властите на вашата земја користат режим на „дипломатска изолација“ во односите со Амбасадата, што предвидува отсуство на контакти со нас, вклучувајќи и непоканување на официјални настани.

Сè додека овој пристап продолжува, многу е тешко да се зборува за перспективи за интеракција.

Руската страна се придржува до недвосмислен став – ние не се мешаме во внатрешните работи на вашата држава и немаме намера да го правиме тоа, не преземаме никакви чекори во форма на наводни хибридни закани, за кои неосновано сме обвинети. Се разбира, ние ќе реагираме на непријателските дејства – врз основа на реципроцитет, но секогаш на избалансиран и, доколку е можно, на симетричен начин.

За нормална интеракција се неопходни рамноправност, заемно почитување и земање предвид на меѓусебните интереси – само таква основа, очигледно, е единствената можна во поправедниот мултиполарен свет што се формира во нашата ера.
Добро знаеме дека народите на нашите земји се поврзани со вековни врски на пријателство и меѓусебно почитување, кои се засилени со духовно и културно сродство и заеднички словенски корени. Овој пријателски однос и симпатиите кон Русија ги чувствуваме буквално насекаде и искрено сме благодарни за таквото однесување. Сигурен сум дека тоа може да стане основа за брзо обновување на билатералните врски кога за тоа ќе се создадат благопријатни услови.

Убеден сум дека за зајакнување на пријателството меѓу двата народа ќе придонесе и меѓуцрковната соработка. Минатиот август, Руската православна црква целосно ја призна автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, прва по одлуката на СПЦ. Верниците во Русија со голема радост го прифатија возобновувањето на евхаристиското заедништво со македонските браќа по вероисповед – врските на Руската црква со историската Охридска архиепископија датираат со векови.