Фото: Каролина Мицевска

Во центарот на Прилеп по 21 пат се одржа карневалот Прочка 2023. Во духот на традицијата се претставија над 20 групни маски од Прилеп и од Македонија. Публиката уживаше во претставувањето на разните маски. Ги виде “Срцето на градот”, “Медузи”, “Семејството Адамс”,”Збунети облачиња”,”Каменковци”, Џоломари и други, кои се простија по повод празникот Прочка.

Неизбежни беа и Прилепските мечкари кои ја претставуваа долгогодишната традиција.

Отворајќи го карневалот градоначалникот Борче Јовчески рече дека во духот на вековната традиција и прилепските и македонски обичаи, со гордост денес го празнуваме празникот Прочка кој што од верски аспект претставува манифестација на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните.

Фото: Каролина Мицевска
Фото: Каролина Мицевска
Фото: Каролина Мицевска

– Корените, традицијата и обичаите како нераскинлив дел во постоењето на нашата милениумска македонска историја ни давааат обврска дека мораме да ги почитуваме и да ги негуваме, а со самото тоа цврсто да ја чуваме нашата врска со се она што претставува македонска вера и традиција. Да простиме и да побараме прошка е голема човечка особина, со цел да покажеме дека сите сме луѓе пред се, без разлика на нашите функции и сите треба најпрвин меѓусебно да се почитуваме и се разбира да си простуваме, со цел да изградиме едно подобро општество за сите нас. Нашиот Прилеп е препознатлив по многу работи, многу културни настани и фестивали, а карневалот „Прочка“ со сигурност е еден од најпознатите и најголеми карневали во  Македонија – изјави градоначалникот Јовчески.

Прилепските Мечкари ја претставуваат најпознатата маска која што според некои документи датира од 30-тите години на минатиот век и со нејзината симболика која што означува бркање на злите духови, утринава го означивме почетокот на денешниот карневал.

Посебна магија и свој белег на годинешниот карневал, дефинитивно оставија и многубројните маски кои што беа изработени од нашите прилепски ученици под менторство на нивните наставници и професори и со кои што преку еден многу креативен и специфичен начин ја видовме вековната традиција и симболика на празникот Прочка.

Фото: Каролина Мицевска
Фото: Каролина Мицевска
Фото: Каролина Мицевска
Фото: Каролина Мицевска

Во изминативе неколку години можеби бевме ограничени од здраствените протоколи, но цврсто веруваме дека од година во година ќе го вратиме во целост сјајот на прилепскиот карневал Прочка, како и на сите други културни и забавни манифестации, со цел да привлечиме што повеќе посетители и туристи во нашиот град и да го вратиме Прилеп на мапата на најпривлечни градови и дестинации во Македонија.

– Сакам да изразам огромна благодарност до сите кои што на свој начин придонесоа за беспрекорна организација и реализација на годинешниот Карневал Прочка и се надевам дека наредната година ќе се видиме во уште поголем број – рече Јовчески.
На најдобрите маски ќе им бидат врачени награди.

Ка.М.