Германската компанија „Гересхајмер“ почнува со реализација на втора инвестиција во Технолошко-индустриската развојна зона – 2 во Скопје. Станува збор за изградба на втора фабрика за специјализирани производи од медицинско стакло и шприцови за вакцини. Со ова, висината на инвестицијата ќе достигне над 126 милиони евра, што, според премиерот Димитар Ковачевски, претставува рекорден износ на инвестиција од основањето на ТИРЗ-зоните во државата.
– Пред околу четири години од „Гересхајмер“ направија смел чекор, инвестирајќи во изградба на фабрика за медицинска пластика, токму овде во ТИРЗ во Скопје. Нашата држава беше избрана како дестинација на „Гересхајмер“, кој веќе ги постави темелите на својата втора фабрика во Југоисточна Европа во оваа технолошка зона, во време кога целиот свет се соочуваше со едно од најголемите кризи на последните столетија поради корона-кризата – рече Ковачевски во обраќањето по повод промоцијата на новата инвестиција.
Според премиерот, инвестицијата на „Гересхајмер“ е вистинска одлука во вистинско време. До ден-денес, рече Ковачевски, „Гересхајмер“ остана најголемиот закупец и најголемиот поединечен инвеститор во ТИРЗ во Македонија и најголем инвеститор во ТИРЗ-зоните по висина на инвестиции.
– Тука во ТИРЗ Скопје 2 се реализира првиот проект за производство на технолошки продукти за фармацевската индустрија на „Гересхајмер“ и во првата фаза минатата година, тие ја проширија инвстицијата од првичните 35 милиони евра на 65 милиони евра. Тука веќе се вработени 100 наши сограѓани. Со изградба на втората фабрика за специјализирани производи од медицинско стакло и шприцеви за вакцини, инвестицијата ќе достигне над 126 милиони евра. Ова значи вработување дополнителни 180 нови работници од нашата држава – рече Ковачевски.
Тој посочи дека минатата 2022 година ја завршивме со 2.300 нови работни места, над 430 милиони евра нови инвестиции и рекорден извоз од 3,7 милијарди евра.
– Во октомври лани ја надминавме и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година. Вкупно 16.400 наши сограѓани работат во компаниите во индустриските зони во целата држава – рече Ковачевски во своето обраќање за време на посетата на фабриката на „Гересхајмер“.
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски посочи оваа инвестиција на „Гересхајмер“ не е само најголема во историјата поединечно, туку најголема гринфилд инвестиција од осамостојувањето на државата.
– Заедно со проширувањето на овој капацитет кој што го посетивме денеска, на кој што веќе работиме и со овој што го гледаме тука, двете фази на компанијата достигнуваат инвестиција која што е за малку помала од 200 милиони евра, така што зборуваме за најголемата гринфилд инвестција во историјата на Северна Македонија – рече Деспотовски, изразувајќи надеж дека во следниот период оваа инвестиција двојно ќе се зголеми.
Тој нагласи дека вработените во овие капацитети, не работат само за компанијата, туку за бројни луѓе низ целиот свет.
– Навистина, постои само една точка на мапата на инвестиции каде што оваа компанија е присутна, што покажува дека и покрај тоа што сме сепак мала точка на таа глобална мапа, можеме да дадеме сериозен придонес во тие глобални предизвици. Имаме инвестиција во дејност која е сосема различна од она што го наследивме, а тоа е фармација, дејност на векот. Тоа е разлика и тоа е сериозен исчекор напред – рече Деспотовски.
Потпретседателот на „Гересхајмер“, Оливер Бургел, истакна дека покрај доброто искуство во работењето, дополнителен поттик за проширување на инвестицијата е поддршката и условите што како инвеститор ги добиле од државата.
– Клучно за носењето на одлуката за проширување на инвестицијата во Северна Македонија беше доброто искуство коешто го имавме со нашата прва инвестиција, работните услови во земјата, состојбата со инфраструктурата, транспарентност на трошоците, расположливоста на квалификуван кадар и поддршка од надлежните – нагласи Бургел.
Тој вели дека сето ова било поттик за проширување на инвестицијата во земјава, во близина на постоечката фабрика, којашто стартувала во 2019 година, а која примарно се производува пластика за фармацевтската индустрија.
Привремениот вршител на работите во Германската амбасада во Скопје, Ото Граф, во своето обраќање посочи дека за Германија и Македонија производството е важен дел од животот и затоа смета дека е сосема природен избор германска компанија да дојде во земјава.
– Денес е среќен ден за Северна Македонија и Германија. „Гересхајмер“ инвестира во нов производствен капацитет. Тоа се должи на билатералната соработка меѓу двете земји, за што се случуваат и бројни германски инвестиции во Северна Македонија – рече Граф.