Досега се пријавени 235 шахисти. „ШК Алкалоид од 2012 до 2019 година во континуитет (освен во 2016-та, кога се одржал само турнир во брз шах) одржа вкупно седум турнири во забрзан шах, а ова ќе биде осми, како и четири турнири во брз шах, или вкупно 11 турнири од ваков тип“, вели ЖФМ Лидија Софревска-Андонова

ЗАБРЗАН ШАХ

За традиционалниот турнир во забрзан шах „Опен Алкалоид 2023“, кој треба да се одржи в недела (од 10 часот), во Скопје, во девет кола (швајцарски систем), интересот е огромен, така што досега се пријавиле вкупно 235 учесници (девет ВМ, седум ИМ, еден ЖИМ, 10 ФМ, еден ЖФМ) од Македонија (198), Србија (16), Грција (8), Бугарија (6), Косово (4), Црна Гора (2) и од Германија (1), од кои 21 се шахистки.
– ШК Алкалоид, почнувајќи од 2012 до 2019 година, во континуитет (освен во 2016 кога се одржал само турнир во брз шах) одржа вкупно седум турнири во забрзан шах, а ова ќе биде осми, како и четири турнири во брз шах, 2013, 2014, 2015 и 2016-та, или вкупно 11 турнири од ваков тип. На претходниот турнир во забрзан шах, во 2019 година, првото место го поделија македонскиот ВМ Кирил Георгиев и ВМ од Србија, Бобан Богосављевиќ, а настапиле 168 учесници. Најмногу учесници имало во 2017 година, 193, кога победи ИМ Филип Панчевски, така што сега овој рекорд најверојатно ќе биде надминат, оти интересот е преголем. Во 2020 година поради ковид-19, турнирот не се одржа иако веќе беше закажан – вели секретарката на Алкалоид, најтрофејниот македонски шаховски клуб и сениорски клупски европски првак од 2016 година, истакнатата македонска шахистка ЖФМ Лидија Софревска-Андонова.
На турнирот прворангиран е македонскиот репрезентативец и член на Алкалоид, интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски (2.491 рејтинг-поени во забрзан шах), пред ВМ од Србија, Миша Пап (2.426). Најдоброрангирана шахистка е ЖФМ Моника Стојковска (2.005, рангирана на 54-то место). Главен судија на турнирот е Иван Кочовски, а негов помошник Сашко Лакински. Мечевите се со темпо на игра од 15 минути плус 10 секунди за секој одигран потег по играч. Вкупниот награден фонд е 130.000 денари, од кои победникот ќе добие 22.000 денари и пехар. Покрај другите девет главни награди, предвидени се уште и 10 дополнителни.
Бројот на пријавени шахисти е лимитиран и организаторот на турнирот има право, поради капацитетот на салата каде што ќе се играат партиите, да одбие одредени пријави за настап. Г.И.