Деновиве читам информации од неколку различни извори за финансиските резултати на компаниите што работат со нафта и гас. Имено, компаниите „Ексон мобил“ и „Шеврон“ од САД, „Шел“ и „Бритиш петрол“ од Англија и „Тотал енерџис“ од Франција објавија дека во 2022 година ги оствариле своите најголеми профити од нивното постоење. Соодветно тие заработиле (во милијарди американски долари) 56, 36, 40, 28, 36, или вкупно: 196 милијарди американски долари. Веднаш ми се наметнува заклучок дека тоа е разлутат на војната во Украина, која е нападната од Русија, а индиректно се вклучени и НАТО-земјите. Тогаш, следуваат вистинските зборови за овие големи заработки, а тие се: воено профитерство. Но тоа се случува легално бидејќи во капитализмот владее пазарна економија, заснована на побарувачка и понуда, и никој не ве тера со сила да купувате. А бидејќи без енергија не може да се одвива нормалниот живот денес, тогаш мора да купувате иако цените се високи.
Од друга страна, нафтата и гасот се фосилни горива и емисиите од нивното согорување се главни причинители на климатските промени. За последиците сме сите свесни бидејќи постојано се случуваат временски катастрофи во целиот свет. Иако се почнати официјални активности од Обединетите нации (ОН) за спречување на климатските промени во 1988 година, емисиите на стакленички гасови постојано се зголемуваат до ден-денес. Секоја година има самит за климатски промени во организација на ОН, се предлагаат разни мерки, но носителите на нафтената индустрија успеваат на вешт начин да спречат забрани за фосилните горива.
Според податоци на Светската банка, од 1970 г. наваму компаниите за нафта и гас имаат просечна дневна заработка од 2,8 милијарди американски долари на ден. Еден професор од Универзитетот на Антверпен (Белгија) изјави дека со овие пари можете да го купите секој политичар и секој систем, и претпоставува дека тоа навистина се случува. Зелена реторика колку сакате, но суштински акции и промени нема. Во јавноста многу се зборува за транзиција кон чиста енергија (од обновливи извори), но во реалноста цветаат бизнисите со фосилни горива.
Според проекциите на Меѓународната агенција за енергија (IEA) за оваа година, инвестициите во проекти за чиста енергија ќе сочинуваат само околу 5 отсто од капиталните инвестиции во секторот за нафта и гас. Тоа значи дека 95 отсто од инвестициите се наменети за традиционалната експлоатација на нафта и гас.
Глобалната индустрија за нафта и гас забележа историски добивки како последици од војната во Украина. Притоа, предизвикана е глобалната енергетска криза, а милиони луѓе ги трпат последиците. Тоа го трпиме и ние во Република Македонија (РМ). Во минатата година (2022) државата потроши околу 200 милиони евра за увоз на електрична енергија бидејќи немавме доволно домашно производство. Тоа се пари од граѓаните. Голем број фирми беа затворени. Цените, особено на храната, значително пораснаа, а инфлацијата е над 15 отсто. Во постојнава состојба со високи цени на нафтата, гасот и електричната енергија има и една добра работа. Фирмите во РМ почнаа масовно да инвестираат во производство на електрична енергија од фотоволтаици бидејќи тоа им е поисплатливо.
Не е случајно што бруталноста од 2022 година беше добра за нафтената и гасната индустрија. Очигледен е и зголемениот бизнис со оружје иако се одвива некако во заднина и каде што се вртат огромни пари. Но тоа не е моја област и не сакам да навлегувам подлабоко во неа. Ова се факти и констатации познати на јавноста. И мислите дека демократските системи во западните (развиените) земји ќе се загрижат за ова? Не. Од стекнатите позиции и бенефициите што произлегуваат од нив нема да се откажат.
Капитализмот како економски и општествен систем овозможува напредок во многу области, особено има напредок во технолошкиот развој така што стандардот на живеењето постојано се зголемува, со извесни исклучоци. Но со времето се јавуваат и слабости на овој систем, а најактуелна е енергетската криза. Според мене, најголемата „грешка“ на капитализмот е создавањето на климатските промени, кои постојано се зголемуваат и ќе траат со векови. И оваа појава е поврзана со енергетскиот сектор бидејќи настанува главно поради согорување на фосилните горива (нафта, гас и јаглен).
Во Европа и Северна Америка се зголемува притисокот на јавноста да се воведат дополнителни даноци на енергетските компании така што би го пренасочиле вишокот профит со цел да се заштитат домаќинствата и другите бизниси од ценовниот шок. Има предлог за вишокот профит на нафтената и гасната индустрија целосно и трајно да се оданочува, а средствата по оваа основа да се користат за заштита на најранливите низ светот, како и за борбата против климатските промени. Денес се одвојуваат средства за оваа намена, но тие се во симболичен износ.
Според моето мислење, потребен е радикален пресврт на уредувањето и начинот на живеење во светот. Сѐ додека пазарната економија, односно профитот има приоритет пред сите други работи, ќе се јавуваат разни кризи во денешното живеење. Одвреме-навреме јавноста го дига својот глас, се организираат разни штрајкови, но сето тоа е далеку од потребната моќ за коренити промени.
Ристо Цицонков
Авторот е редовен професор на Машинскиот факултет – Скопје