Вчера во СРЦ „Кале“ репрезентативците го имаа првиот собир на кој присуствуваа 17 играчи, за мечевите на гости со Словачка (задутре) и со Норвешка (в недела), за освојување на првото место во групата Д и со тоа пласман во квалификациите за ЕП 2025 и во претквалификациите за ЛОИ 2024

Македонската кошаркарска репрезентација денеска претпладне патува за Левице, каде што в четврток (од 18 ч.) треба да го одигра натпреварот од петтото коло, со Словачка, во претквалификациите за пласман во главните квалификации за настап на Европското првенство (ЕП) во 2025 година во Летонија, Кипар, Финска и во Полска. Вчера претпладне во СРЦ „Кале“ репрезентативците го имаа првиот собир. Македонија в недела, во Осло, ја очекува и дуел со Норвешка (од 18 ч.), во последниот меч од претквалификациите, во групата Д.
По четири кола, Македонија води во групата Д со четири победи и вкупно осум бода, Норвешка и Словачка имаат по шест бода, а Данска е последна со четири бода и е без шанси за пласман на првото место. За пласман во главните квалификации за ЕП 2025 на црвено-жолтите ќе им биде потребна барем уште една победа од претстојните две средби или евентуален пораз на еден од ривалите против кои Македонија ги игра двата меча неделава. Во случај на ист број бодови прво решава меѓусебниот резултат.
Во квалификациите за ЕП 2025 ќе се пласира само првата репрезентација од групата Д, со што таа селекција ќе игра и во претквалификациите за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) в година во Париз. Другите репрезентации од групата ќе продолжат во третиот циклус претквалификации за пласман на ЕП 2025.
На првиот тренинг имаше 17 кошаркари од поширокиот список што неодамна го објави селекторот Александар Јончевски, и тоа Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Војдан Стојановски, Дамјан Робев, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ, Филип Бакоч, Андреј Шошкиќ, Ти-Џеј Шортс, Теодор Симиќ, Амар Хот, Стојан Ѓуроски, Ваљмир Какруки, Лејсон Зеќири, Андреј Маслинко, Максим Митевски и Страхил Николов. Г.И.


ГРУПА Д

Словачка – Македонија четврток, 18 ч.
Данска – Норвешка четврток, 19 ч.

ТАБЕЛА
Македонија 4 4 0 8
Норвешка 4 2 2 6
Словачка 4 2 2 6
Данска 4 0 4 4