Кошаркарите на МЗТ Скопје станаа македонски рекордери со вкупно 11 пехари во ова натпреварување, а кошаркарките на МЗТ Скопје, пак, се сензационални освојувачки на трофејот, прв трофеј во нивната тригодишна клупска историја. Репрезентативецот Војдан Стојановски и кошаркарката Џои Симон беа прогласени за МВП во Купот на Македонија за 2023 година
КОШАРКА – КУП НА МАКЕДОНИЈА „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ – БУШТУР“
Кошаркарите и кошаркарките на МЗТ Скопје се освојувачи на годинашниот јубилеен 30-ти по ред куп на Македонија, „Благоја Георгиевски-Буштур“, кој се одигра во СРЦ „Кале“ во Скопје. Кошаркарите по пауза од една година повторно го вратија трофејот во своите клупски простории, но истовремено станаа и македонски рекордери со вкупно 11 пехари во ова натпреварување, еден повеќе од Работнички. Во финалниот дуел славеа против Феникс со 89-73. Страхиња Миќовиќ беше најефикасен кај МЗТ Скопје со 20 поени, а кај Феникс, Бојан Трајковски со 22 поена.
Кошаркарките на МЗТ Скопје, пак, се сензационални освојувачки на Купот на Македонија за 2023 година, што е и прв трофеј во нивната тригодишна клупска историја. Тие во финалето го совладаа Баскет Кам од Македонска Каменица со 75-60. Американските интернационалки Оливија Ли и Џои Симонс постигнаа со 27, односно 24 поени, Теа Митрева 13… Кај Баскет Кам, Марија Николов беше прва поентерка со 23 коша.
Репрезентативецот Војдан Стојановски и кошаркарката Симон беа прогласени за најкорисни кошаркар и кошаркарка (МВП) во Купот на Македонија за 2023 година.
Кошаркарите на МЗТ Скопје во четврт-финалето го совладаа Кожув (80-68) и во полуфиналето ТФТ (102-61), а кошаркарките на МЗТ Скопје во полуфиналето беа поуспешни од Вардар со 73-57. Г.И.