Мостот, чие завршување е планирано за годинава, ќе ја спои сиромашната област Ринкеби, на северот од Стокхолм, со многу побогатата Сандбиберг. Екстремната шведска десница тврди дека овој проект ќе придонесе за ширење криминал и деликвенција во градот. Од друга страна, граѓаните велат дека мостот ќе го олесни патувањето до работа, а истовремено ќе ја намали и сегрегацијата
Борба против разликите на шведски начин
Изградбата на мост што ќе поврзува една од најсиромашните области во Стокхолм со друга побогата област предизвика жестока дебата и дополнително ги истакна пред јавноста продлабочените општествено-економски поделби во Шведска. Мостот, чие завршување е планирано за годинава, ќе ја спои сиромашната област Ринкеби, на северот од Стокхолм, со многу побогатата Сандбиберг. Екстремната шведска десница тврди дека овој проект ќе придонесе за ширење криминал и деликвенција во градот. Од друга страна, граѓаните велат дека мостот ќе го олесни патувањето до работа, а истовремено ќе ја намали и сегрегацијата.
Пораст на насилството
Кривичните дела со смртна последица само за една година пораснаа речиси за 40 отсто, а добротворните организации велат дека социоекономската нееднаквост во оваа скандинавска земја достигнала рекордно високи нивоа. Ринкеби е еден од најголемите расадници на насилни банди во земјата. За да се справи со ова прашање и да обезбеди поддршка од крајно десничарската партија Шведски демократи, шведската влада даде ветување дека ќе ја заостри доселеничката политика и ќе го зголеми бројот на депортации.
Мартин Кинунен, пратеник од партијата на Шведски демократи, за „Јуроњуз“ порача дека 20 отсто од денешното шведско население е родено во странство. Според него, тие доаѓаат од сиромашни земји и имаат ниско образование, што во голема мера ја зголеми нееднаквоста во приходите во Шведска. Исто така, Кинунен тврди дека шведската политика за масовно доселување во последниве 30 години е одговорна за проблематичната состојба во училиштата, организираниот криминал и високите стапки на невработеност.
Но Клариса Сејду, полициска службеничка во општината Ринкеби, смета дека проблемите лежат на друго место. Таа вели дека станува збор за млади луѓе што се убиваат меѓусебно. Потпишуваат договори за извршување убиство. Извршителите се на возраст помеѓу 14 и 16 години, а тоа го прават за да заработат пари. Репресијата сама по себе не може да ги реши овие длабоки проблеми. Затоа, таа порачува дека мора да се промени начинот на функционирање. Така, според Сејду, потребна е соработка меѓу социјалните установи, училиштата и полицијата, затоа што во спротивно нема да се постигнат никакви резултати.
Мустафа Андиќ од Сандбиберг смета дека решението е во политиката на вработување. За „Јуроњуз“ тој изјави дека доколку на доселениците што пристигнуваат во Шведска им се дадат работни места и им се овозможи учење на шведски јазик, тие би можеле подобро да се интегрираат во општеството. Тој додаде дека политичарите треба да се фокусираат на основната причина за насилство меѓу бандите, наместо да се расправаат за мостот – нешто што тој го смета за начин да ѝ се застане на патот на сегрегацијата.
– Кога ќе ги сместите сите доселеници во една област, се случува токму ова. Ако сакате системот да функционира и да се спречат предрасудите, мора да ги мешате луѓето – објасни тој.
Мартин Малмберг, директор во средното училиште во Ринкеби, од кое минатата година се отпишаа неколку ученици, со намера да станат членови во банди, јасно укажува на деградацијата на шведскиот образовен систем. Малмберг објасни дека тоа биле ученици што не добиле преодни оценки во следното ниво на шведскиот училиштен систем. Исто така, во таа населба имало многу деца што не одат во градинка, па не се подготвени да станат првачиња на шестгодишна возраст. Тој истакна дека на крајот тие ученици и се отпишуваат од училиште.
Малмберг додаде дека приватизацијата на училишниот систем само дополнително ги влошила работите. Така, во таа област можеби само 30-40 отсто од наставниците имале факултетска диплома. Друг проблем е што во голем број училишта се лажирале оценките за учениците. Исто така, многу од нив за време на средношколските денови го напуштале училиштето и затоа за нив било потешко.
Продлабочување на поделбите
Оваа ситуација е само еден од симптомите на бавниот пад на шведскиот модел на општествена и економска благосостојба. Наградуваниот шведски новинар Андреас Червенка истакна дека во Шведска има повеќе милионери одошто во повеќето држави во светот, ако не се сметаат неколкуте малечки даночни раеви како Монако. Ова е резултат на процесот започнат во 1990-тите. Во Шведска се укинати голем број даноци, почнувајќи во 1990-тите со данокот на богатство, потоа со данокот на имот, данокот на подарок и данокот на наследство. Исто така, приватизиран е голем дел од општествените установи, како што се училиштата и установите за здравствена заштита. Червенка објасни дека Шведска е единствената земја во светот во која може да се стане милијардер со водење училиште, кое всушност зависи од парите на даночните обврзници.
Во суштина, Шведска прерасна во една од најнееднаквите земји во светот. Постои мала но многу богата елита, а од друга страна има доста голема група сочинета од економски ранливо население. Всушност, оваа група е поголема од кога било во Шведска и опфаќа речиси 15 отсто од населението. Ваквата состојба неодамна доби и официјална потврда со неодамна пресметаниот индекс за глобална еднаквост на „Оксфам“, кој покажа дека Шведска сега е на последно место меѓу скандинавските земји во однос на борбата против разликите.
Јонас Вилстранд, прв човек на најголемата шведска добротворна организација „Стадсмисионен“, вели дека влошена поради кризата и инфлацијата, несигурноста напаѓа сè поголем број жители на Шведска. Сè повеќе луѓе со ниски пензии или приходи бараат помош од организацијата, а пријавувањето во социјалните супермаркети годинава е двојно поголемо од лани.