Претставници на македонските Бугари во земјава денеска треба да се сретнат со министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Темата на разговор на средбата не е позната, но таа доаѓа пред утрешниот истек на рокот за смена на имињата на бугарските здруженија „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“. Бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување.
Клубот „Цар Борис Трети“ од Охрид веќе се обратил до Централниот регистар и нивното барање е во процедура, додека битолскиот клуб „Иван Михајлов“ најавува дека правдата ќе ја бара пред меѓународен суд, според известувањето на „Дојче веле“.
Сите здруженија кои нема да ги усогласат името, називот или статутот, програмата, целите и дејностите се бришат од Регистарот, врз основа на донесена одлука за неусогласеност од страна на министерот за правда, по претходно добиено негативно мислење, според одредбите на Законот за здруженија и фондации.
Министерот за правда треба да донесе одлука за неусогласеност во рок од четири месеци од денот на влегување на сила на законот, или до 16 март, и Централниот регистар треба да ги избрише врз таа основа.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји неодамна во Брисел ги прими претставниците на македонските Бугари, при што тие на средбата се пожалиле за институционална дискриминација и омраза.