Фото: Игор Бансколиев

Вчера, на 14 февруари, по 14. пат се одбележа празникот на лозарите Свети Трифун, на плантажите на винарницата „Стоби“, со традиционално закројување на лозјата и нивно осветување. И годинава настанот се одржа во присуство на вработените на винарницата, гости и медиуми. Како што му доликува на свечениот чин, пригодна богослужба одржа свештено лице од Повардарската епархија.
– Овој ден за нас е посебен, 14-та година по ред го славиме овој за нас значаен празник, наедно и роденден на винарницата. Се надеваме на бериќетна година, за да го прославиме заедно со сите љубители на виното овој ден Св. Трифун – истакна сопственикот на винарницата „Стоби“, Минчо Јорданов.
Генералниот директор на холдинг-компанијата „Перминдекс“, за винарницата „Стоби, млекарницата „Галичник“ и „Црвени Брегови“, Никола Деребанов, објаснува дека ковид-пандемијата и економската криза што владее во светот, но и во нашата земја, и која создаде големи предизвици и проблеми во нормалното функционирање на бизнисите, сепак, не влијаеле на пласманот и извозот на вината произведени во винарницата „Стоби“, која и понатаму работи успешно.
Наедно, Деребанов посочи дека минатата година најголем предизвик биле ребрендирањето на нивното портфолио и лансирањето на нова линија на вина наречена „македон“.


– Новата линија вина го носи името „македон“ и дел од нив веќе можат да се дегустираат во некои од нашите поексклузивни ресторани, хотели или кафулиња. Засега вината „македон“ ќе можат да се купуваат само во ХОРЕКА-секторот, а веќе почнавме истите тие да ги пласираме и на сите извозни пазари каде што веќе извезуваме од нашата широка палета на вина. Конкретно вината „македон“ неколку години се произведуваат, но првично беа наменети за извоз само во САД – појаснува Деребанов.
Иако оваа година традиционалната масовност на прославување изостана, сепак, винарницата „Стоби“ со желба да ја одржи и оваа традиција, организира повеќе промоции на виното низ земјата.
Винарницата „Стоби“ годишно произведува 4,5 милиони литри висококвалитетно вино, од кои само 24 отсто се пласираат на домашниот пазар, а дури 76 проценти се наменети за извоз на 18 пазари од регионот и од светот. Најголеми извозни пазари се Кина, САД и Русија, но значителна продажба остваруваат и во европските држави како Холандија, Данска, Белгија и земјите од регионот.


Дегустација на новата ексклузивна винска палета на „Стоби“ – „Македон“

Во пресрет на традиционалната прослава на светителот на лозарите и винарите, Свети Трифун, винарницата „Стоби“ ја претстави новата палета на вина, под брендот „Македон“. Енологот на винарницата „Стоби“, Андон Крстевски, ги презентираше петте вина од оваа ексклузивна палета, произведена пред една година, а досега достапна претежно на странскиот пазар. На презентацијата беше откриено дека во рамките на винската колекција „Македон“ се подготвува и пенливо вино, кое треба да созрее за консумација наредната година. Новинарите имаа привилегија да го пробаат виното во фаза на зреење и се стекнаа со искуство што мотивира да се очекува финалната верзија на македонскиот „шампањ“.
Генералниот директор на холдинг-компанијата „Перминдекс“, во која влегува и винарницата „Стоби“, Никола Деребанов, посочи дека минатата година најголем предизвик биле ребрендирањето на нивното портфолио и лансирањето нова линија на вина наречена „Македон“.
– Новата линија на вина го носи името „Македон“ и дел од нив веќе може да се дегустира во некои од нашите поексклузивни ресторани, хотели или кафулиња. Засега вината „македон“ ќе можат да се купуваат само во ХОРЕКА-секторот, а истите тие веќе почнавме да ги пласираме и на сите извозни пазари каде што веќе извезуваме од нашата широка палета на вина. Конкретно вината „македон“се произведуваат неколку години, но првично беа наменети за извоз само во САД – откри Деребанов на Свети Трифун, за време на закројувањето на лозјето.