Можеби резултатот против Белгија е превисок, но девојките не се откажаа и дадоа отпор колку што беше во нивна моќ, вели македонскиот селектор Ашаданов
МАКЕДОНИЈА СО ПОРАЗ ГИ ЗАВРШИ КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2023
Женската кошаркарска репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Александар Ашаданов, ги заврши квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава (5-25 јуни) во Израел и во Словенија, со убедлив пораз од Белгија, 43-102, која и пред овој меч беше апсолутен фаворит, но и за освојување на првото место во групата А. Македонија во овие квалификации успеа да забележи една победа против БиХ на гости и со тоа да ја прекине повеќегодишната поразителна серија во квалификациите за ЕП. Македонките, освен од Белгија, двапати загубија и од Германија, а еднаш од БиХ.
– Сакам да ѝ посакам среќа на Белгија на претстојното Европско првенство. Според мене, тие се една од трите селекции фаворити, кои можат да го освојат шампионатот. Македонските кошаркарки го дадоа максимумот против Белгија, одиграа колку што можат, посебно по исцрпувачкиот натпревар и победата на гости против БиХ. На тој дуел во Сараево, пет кошаркарки играа по 39 минути.
Тука во Скопје квалитетот на Белгија беше преголем. Можеби резултатот е превисок, но девојките не се откажаа и дадоа отпор колку што беше во нивна моќ. Дури и да бевме во комплетен состав, Белгија ќе беше пресилен противник за нас. Се надевам дека победата против БиХ во овие квалификации, како и целиот циклус ќе бидат мотив за сите понатаму, но и за помладите, кои треба допрва да ни се вклучат во процесот на надградба на сениорската репрезентација – изјави Александар Ашаданов, селекторот на македонската кошаркарска репрезентација.
Белгија, која зад себе има 13 настапи на ЕП (бронза во 2017 и во 2021 година, петта во 2019-та), уште еднаш ја покажа својата супериорност и во ниту еден момент не ѝ даде можност на Македонија да се врати во игра. Најпрецизна кај Македонките беше Анџелика Митрашиновиќ со 15 поени, додека Јелена Антиќ уфрли десет коша, а кај Белгија најефикасна беше Ема Месеман со 17 поени, пред Хинд Бен Абделкадер со 15, додека Антониа Делаере реализира 13 поени.
На ЕП 2023 во Израел и во Словенија се пласираа: Белгија и Германија (група А), Франција (Б), Шпанија и Унгарија (Ц), Турција и Словенија, како домаќин (Д), Србија (Е), Црна Гора (Ф), Грција и Велика Британија (Г), Италија и Словачка (Х), Чешка (И), Летонија и Израел, како домаќин (Ј). Г.И.
ГРУПА А
Македонија – Белгија 43-102
БиХ – Германија 61-92
ТАБЕЛА
Белгија 6 5 1 11
Германија 6 4 2 10
БиХ 6 2 4 8
Македонија 6 1 5 7