Фото: Игор Бансколиев

Неодамнешната случка на врвот на Водно, кога поголема група граѓани не можеле да се симнат, односно да се вратат назад од врвот Крстовар кон Средно Водно со жичницата, отвори низа прашања и жолчни дискусии. Граѓаните најпрвин прашуваат за деталите од случката и последиците од неа, но се интересираат и за безбедноста при возењето со жичницата, сигурноста на целиот систем – кабините, сајлите итн. Во врска со настанот и отворените прашања, „Нова Македонија“ разговараше и со граѓани и со надлежните градски служби одговорни за жичницата. Надлежните даваат одговори што би требало да внесат смиреност кај граѓаните, пред сѐ кај корисниците на жичницата

Жичницата е безбедна за граѓаните

Силниот ветар никогаш не е за потценување, особено доколку во миговите кога дува се наоѓате на места каде што неговата јачина може да се види во вистинско светло. Таква беше неодамнешната ситуација на скопската жичница, каде што граѓани и мали дечиња не можеа да се спуштат поради силниот ветар и лошите временски услови, па беа привремено засолнети додека не се создадоа услови за тоа. Жичницата полека но сигурно станува сѐ попривлечна туристичка атракција, не само за скопјани туку и за гостите, па затоа овој случај предизвика голем број дискусии и отвори неколку прашања.

ЗАГЛАВЕНИ ГРАЃАНИ НА ВОДНО

Имено, поголема група граѓани, меѓу кои и деца, пред неколку дена не можеле да се симнат од врвот на Водно со жичницата поради силниот ветар. Од Центарот за управување со кризи тогаш информираа дека проблемот бил надминат откако жичницата повторно била ставена во употреба.
На телефонскиот број за итни повици 112 се јавило едно лице, кое во ЦУК пријавило дека поголема група луѓе, меѓу кои и мали деца, чекале да се симнат со жичницата, меѓутоа поради силниот ветар од страна на вработените на објектот не им било дозволено да влезат во гондолите, во интерес на безбедноста.
Како што информираа од Центарот, лицата побарале помош за симнување, посочувајќи дека биле известени од страна на вработените во жичницата дека патот е подзамрзнат и тешко е со автомобил да се стигне до местото каде што тие се наоѓале во тој момент.
За настанатата состојба ЦУК ги известило одговорното лице од Град Скопје и ЈСП-Скопје и, по извршените консултации и дополнителни проверки, жичницата била ставена во функција и луѓето почнале безбедно да се спуштаат надолу до Средно Водно.
За среќа, на самото место имало и претставници од Црвениот крст, кои им помагале на луѓето безбедно да се симнат до Средно Водно.
Токму оваа ситуација беше повод за дискусија, особено на социјалните мрежи, меѓу граѓаните што редовно се возат на жичницата за да стигнат до крстот на Водно. Тие велат дека оваа ситуација отворила голем број прашања и дилеми, особено кај оние граѓани што страдаат од анксиозност и имаат извесни стравувања од природни несреќи, од силни ветрови, дождови и слично.
– Таму речиси секогаш дува и навистина ми е непријатно да се возам во жичницата. Се плашам и возењето на толкава висина ми предизвикува анксиозност, особено кога поминуваме преку столбовите, од каде што се создаваат звуци при преминувањето. Дополнително ми е стресно кога дува ветар. Тогаш кабините се нишаат, звукот е морбидно страшен, стануваш свесен дека против природата и не можеш многу да направиш – вели Надица Трајановска, редовна посетителка на Водно.
За граѓаните е стресно само да се помисли колкава штета би можел да направи силниот ветар во тие моменти.
– Нам како корисници на жичницата ни е потребно да знаеме како се постапува во таква ситуација. Мои пријатели беа токму во тој момент таму и можам да кажам дека паниката е нешто неминовно што се создава кај секој што бил оставен на врвот. Иако не биле сами, сепак беа видно вознемирени и не знаеја како ќе се симнат, бидејќи немало ниту услови за да го сторат тоа со автомобили. Пеш никој не сакал ни да се обиде, бидејќи временските услови биле навистина сурови. Добро би било и да знаеме како да се однесуваме како патници доколку дојде до некаква временска неприлика, а се наоѓаме во некоја од кабините на жичницата – вели Маријан Матевски.

ПОСТОИ И ПЛАН ЗА СПАСУВАЊЕ, А ПОСТОЈАТ И ИСКУСНИ ВЕШТИ СПАСУВАЧИ

Ситуацијата ја смируваат надлежните градски служби, кои се најодговорни за жичницата и кои даваат одговори што би требало да внесат смиреност кај граѓаните, пред сѐ кај корисниците на жичницата. Од „Јавното сообраќајно претпријатие“ – Скопје, под чија надлежност е жичницата на Водно, велат дека во согласност со временските услови и други околности, имаат неколку сценарија според кои дејствуваат во вонредни ситуации за да им помогнат на граѓаните.
За конкретниот случај од пред неколку дена, од ЈСП информираат дека додека се чекало да се смират временските услови, посетителите биле привремено засолнети.
– Во посочениот случај од минатиот викенд, посетителите беа привремено засолнети до повторното создавање услови за вклучување на жичницата. На жичницата има дежурни екипи на Црвениот крст, а во одредени ситуации се вклучува и ЦУК, како и екипи на МВР и АРМ – информираат од ЈСП.
Оттаму додаваат дека дента кога временските услови не дозволувале возење со жичницата, ветрот на моменти достигнувал брзина и до 115 километри на час.
– Укажуваме дека безбедноста на граѓаните ни е во преден план. Во вакви вонредни ситуации предизвикани од силен ветар, објектот автоматски се исклучува од погон на ветар со јачина од над 70 километри на час. Следењето на временските услови се врши постојано, како една од работните обврски на службата вработена на објектот, и навремено се реагира, односно превентивно се исклучува од погон – смируваат оттаму.
Од ЈСП додаваат дека токму за вакви ситуации, како споменатата, на два столба од жичницата има ветромери, кои во зависност од правецот и јачината на ветрот алармираат за (не)соодветни услови за работа. Покрај ова, објектот е програмиран да алармира, со светлосен аларм, звучен аларм или целосен прекин на работата, а безбедноста на корисниците е на највисоко ниво во согласност со соодветните стандарди.