Особено ќе ме радува доколку и најмладите шахисти и шаховски надежи го користат како место каде што ќе се среќаваат да разменат искуства, да одиграат шаховски партии, што би било одлично за нивниот понатамошен напредок, вели претседателот на Шаховскиот сојуз на град Скопје, Ѓорѓи Миновски
СКОПЈАНИ НАСКОРО ПАК ЌЕ ДОБИЈАТ ЦЕНТРАЛЕН ШАХОВСКИ ДОМ
Скопјани по повеќе од две децении повторно ќе добијат Централен шаховски дом (ЦШД), нешто што функционираше во минатото во Градскиот трговски центар (ГТЦ), до 2003 година. Новиот централен шаховски дом, кој Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) по повеќегодишно настојување успеа да го издејствува, е со површина од 141 м2 и истовремено во него ќе биде сместена и канцеларијата на ШФМ, која сега се наоѓа во спортската сала „Градски парк“.
– Домот секако дека ќе донесе позитивна енергија и раздвижување помеѓу шаховските работници, но и сите љубители на шахот, и истовремено ќе претставува и импулс повеќе за сите нас, шаховските работници, уште повеќе да работиме и да го вратиме шахот онаму каде што беше некогаш. Ќе ме радува ако тој стане сврталиште на сите љубители на шахот, каде што ќе може да се среќаваат, да се дружат, да поразговараат за шаховски теми и, секако, да одиграат понекоја партија шах. Особено, пак, ќе ме радува доколку и најмладите шахисти и шаховски надежи го користат како место каде што ќе се среќаваат да разменат искуства, да одиграат шаховски партии, што би било одлично за нивниот понатамошен напредок. Во него ќе биде сместена и канцеларијата на Шаховската федерација на Македонија, што е исто така добро – вели претседателот на Шаховскиот сојуз на град Скопје (ШСС), Ѓорѓи Миновски.
Според последните најави, Централниот шаховски дом во Скопје се очекува многу скоро и свечено да биде отворен.
– Има уште некои помали работи во ентериерот да се дотераат, но се надевам дека ќе успееме да го средиме тоа и да го отвориме свечено во наредниот месец. Во овој период имаме многу активности, како и обуки за проектот „Шах во училиштата“, но се надевам дека ќе имаме време и енергија да го средиме и Централниот шаховски дом во целост. Просториите ни се доделени во сопственост од страна на Владата на Република Македонија и благодарни сме што имаа слух и ни излегоа во пресрет на нашите барања по ова многу значајно прашање за шаховскиот живот во Скопје – рече Миновски. Г.И.