Според извештајот, вкупно 4.387 меѓународни трансфери биле реализирани во фудбалот за мажи, а во фудбалот за жени 341, во двата случаја тоа се нови рекорди за зимски преоден рок. Вкупните трошоци на клубовите за обесштетувања, исто така, поставија нови рекорди, 1,57 милијарда, односно 774.300 долари
ИЗВЕШТАЈ НА ФИФА ЗА ЗИМСКИОТ ПРЕОДЕН РОК ГОДИНАВА
Светската фудбалска федерација (ФИФА) го објави својот извештај од меѓународниот преоден рок во јануари годинава, анализа на активноста за трансфери на играчи, која ги потврдува рекордните бројки во однос на меѓународните трансфери и такси. Според извештајот, вкупно 4.387 меѓународни трансфери биле реализирани во машкиот фудбал во јануари годинава, што е рекорд на сите времиња од лансирањето на системот за усогласување трансфери во 2010 година, пишува ФИФА. Вкупните трошоци на клубовите за обесштетувања, исто така, поставија нов рекорд, бидејќи во јануари беа потрошени 1,57 милијарда долари, за околу 230 милиони долари повеќе од претходниот рекорден јануарски преоден рок, во 2018 година.
Бројот на трансфери во машкиот фудбал е зголемен за 14,4 отсто во однос на истиот период во 2022 година (3.834), при што вкупната вредност на трансферните надоместоци порасна за 49,4 проценти во однос на сумата потрошена лани во јануари (1,05 милијарда долари). Англиските клубови се на врвот на табелата за вложувања за меѓународни трансфери во јануари годинава, со вкупен расход од 898,6 милиони долари, што е 57,3 отсто од вкупните трошоци во јануари на глобално ниво, а потоа е Франција со 131,9 милион долари, пишува ФИФА.
Во фудбалот за жени вкупниот број меѓународни трансфери, исто така, достигна нов историски максимум со 341 трансфер во странство, што е зголемување од 30,2 отсто во однос на јануари 2022 година. Трансферните надоместоци во женскиот фудбал, исто така, поставија нов рекорд со потрошени 774.300 долари во јануари годинава.
Ова е трета последователна година како ФИФА објавува ваков извештај веднаш по завршувањето на јануарскиот преоден рок, а следниот извештај е предвиден за почетокот на септември, по летниот преоден рок. Н.М.