Дека ние Македонците сме надалеку познати по гостопримството е неоспорен факт, меѓутоа многупати досега сме покажале и дека хуманоста ни е една од најсилните страни. И овој пат, со нашата реакција на сочувство и емпатија по катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија, останавме доследни на епитетот дека сме со „големо срце“, огромна љубов и безгранична хуманост.
Македонските граѓани, државата, нејзините институции, приватни компании, лекари, пожарникари, рудари, сите сплотено и заеднички им подадоа рака на турскиот и сирискиот народ, кога најмногу им е потребно. Иако е мала земја, со ограничени ресурси, Македонија сепак покажа дека е „земја со народ што има огромна добра душа“!
Македонија сплотено и заеднички се организираше во собирањето помош за погодените од земјотресот во Турција и Сирија. Речиси сите се мобилизирани, граѓаните самоиницијативно собираат помош, Црвениот крст, општините, градовите низ Македонија, Владата, институциите, пожарникарите, лекарите, сите на свој начин се нудат за помош во овие моменти, кога на турскиот и сирискиот народ најмногу му е потребна помош…. Македонија ја покажа хуманоста на дело.
ВЛАДАТА, АРМ И ДЗС СО ИНСТАНТНА РЕАКЦИЈА ЗА ПОМОШ, КАКО ШТО Ѝ ПРИЛЕГА НА МАКЕДОНИЈА
По донесената одлука од страна на Владата на Република Македонија да испрати тим составен од 24 армиски припадници со кучиња трагачи што ќе помагаат во разурнатите делови во Турција, донесена е уште една, нова одлука, да бидат испратени нови 36 припадници на АРМ. Тие се од баталјонот за специјални операции. Тоа значи дека околу 60 припадници на АРМ веќе се во Турција, каде што помагаат во санирањето на последиците од разорниот земјотрес.
Исто така беше донесена одлука за испраќање 32 лица од Дирекцијата за заштита и спасување – припадници на републичките сили за заштита и спасување, за учество во давањето помош на Република Турција во санирањето на последиците од земјотресот. Дополнително беше одлучено од дирекцијата да бидат испратени 40 обучени спасувачи со возила и опрема.
Владата донесе одлука да испрати и десет илјади ќебиња и 200 санитетски носила.
Министерството за финансии одобри 100 илјади евра помош, а Министерството за здравство треба да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови.
ПОЖАРНИКАРИТЕ ВЕДНАШ ЗАМИНАА ДА ПОМОГНАТ ИСТО ОНАКА КАКО ШТО ПОМАГААТ И ДОМА
Пожарникари од цела Македонија, многу од нив волонтерски, се пријавија да заминат во погодените градови од земјотресот, за да им помогнат на тамошните екипи при вадењето на затрупаните граѓани, но и во расчистувањето на урнатините.
Па, така, пожарникари волонтери беа испратени од Битола, Тетово, Гостивар, Чаир, Струмица и многу други територијални противпожарни единици. Струмичките пожарникари, вкупно осуммина, веќе интензивно работат деноноќно на пронаоѓање и спасување евентуално преживеани луѓе во погодените градови.
Пожарникари испратија речиси сите општини. Од Кавадарци заминаа деветмина, додека Битола испрати петмина спасувачи што се дел од тимот за брз одговор за спасување од планина и високи објекти од ДЗС. Исто така, на располагање се ставени и пожарникарите од територијалната противпожарна единица Битола што се обучени за спасување од урнатини и земјотреси. Осум пожарникари заминаа во Турција од Охрид, девет пожарникари од Тетово, петмина пожарникари од Велес, четворица од Гевгелија, петмина од Куманово, кои со возило заминаа кон Турција. И општината Кочани испрати една пожарникарска екипа, која со возило замина во погодените делови, каде што ќе им помага на надлежните. Пожарникари на помош на погодените од земјотресот испратија и Град Скопје, Штип и други општини, а и тим од рудари од Пробиштип исто така замина да помогне.
ЦРВЕН КРСТ ИЛИ ЦРВЕНА ПОЛУМЕСЕЧИНА, ВООПШТО НЕ Е ВАЖНО КОГА СТАНУВА ЗБОР ЗА СПАСУВАЊЕ ЧОВЕЧКИ ЖИВОТИ
– Македонските граѓани, според досегашните информации, донираа околу десет милиони денари во Црвениот крст за настраданите од катастрофалниот земјотрес што во понеделникот ги погоди Турција и Сирија – информира генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, на завчерашната заедничка прес-конференција, на која присуствуваше и турскиот амбасадор во Скопје, Хасан Мехмет Секизкок.
Освен парични средства, од стоковните резерви на Црвениот крст се издвоени илјада семејни пакети со храна, 1.500 хигиенски пакети и четири илјади ќебиња.
– Во текот на завчерашниот ден обезбедивме десет милиони денари финансиски средства што се прилози на нашите граѓани, дел од повиците на нашиот број 143 400, и тоа околу три милиони и 300 илјади денари, што е апсолутен рекорд досега од сите активности што ги правиме во овој правец, како и уплати од граѓани и од компании во висина од 6,5 милиони денари – информира Саити.
Тој додаде дека истото темпо на донации продолжило и вчера и изрази оптимизам дека како народ, како нација, како држава уште еднаш ќе покажеме дека сме солидарни, дека го разбираме другиот кога е во неволја и мака и дека со сета сила, „сето тоа што е хуманитарно во нас ќе го изнесеме и ќе го ставиме во функција и помош на тие луѓе“.
– Дополнително обезбедивме првична материјална хуманитарна помош од нашите резерви, која се состои во илјада пакети со храна, 1.500 пакети со хигиена и околу четири илјади ќебиња. Сето тоа ќе биде испратено во Република Турција во соработка со турската Црвена полумесечина на почетокот на следната недела – рече тој.
Сепак од Црвениот крст апелираа до граѓаните да не собираат доброволно и волонтерски помош, бидејќи постојат проблеми при испораката поради царинските ограничувања.
Тој апелираше до граѓаните да се фокусираат на парични донации.
– Во однос на материјалните донации, ги повикуваме компаниите и правните субјекти да донираат, а како Црвен крст ќе го прифатиме тоа со помош и поддршка на Амбасадата – потенцира Саити, кој нагласи дека мора да се селектира хуманитарната помош според потребите на народот во Турција.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најави дека преку Црвениот крст ќе донира еден милион денари (околу 16 илјади евра) за санирање на последиците од земјотресот во Турција.
ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА СО ПАРИЧНА ПОМОШ
Сите општини на територијата на Македонија, на своите вонредни седници на советите, кои ги свикаа токму поради разорниот земјотрес, донесоа одлуки за испраќање парична помош за погодените од земјотресот во Турција и Сирија.
Град Скопје, на вонредна седница, донесе одлука да донира шест милиони денари, по три за секоја држава.
И скопските општини даваат свој придонес во помошта за Турција и Сирија. Па, така, Општина Кисела Вода ќе донира финансиска помош од 500.000 денари за населението од разурнатите подрачја. Општина Центар ќе донира околу половина милион денари за двете земји, а исто толку ќе донира и Општина Гази Баба. Донации најавија и Бутел, Ѓорче Петров, Аеродром и Карпош, каде што на седница на совет допрва ќе се одлучува за висината на донациите.
И другите општини низ земјава најавија парична помош за Турција и Сирија. Општина Охрид ќе донира 600 илјади денари за погодените подрачја, средствата се издвоени од ставката на Советот, во износ од 300 илјади денари за Турција и 300 илјади денари за Сирија. Делчево ќе донира 120 илјади денари, по 60 илјади на двете земји. Кочани и Виница ќе донираат од солидарни фондови иако имаат релативно ограничени буџети, додека Општина Куманово донираше еден милион денари, за секоја земја по 500 илјади. Околу 300 илјади денари ќе донираат општините Штип и Велес, додека Општина Тетово ќе одвои еден милион денари. Од општина Кавадарци најавија дека ќе донираат 900 илјади денари помош, а испратени се и десет шлепери со вода за пиење за настраданите. Донации најавија и општините Битола и Зрновци, додека Општина Петровец ќе има пункт каде што граѓаните ќе можат да донираат облека и ќебиња, а дополнително на советот на општината ќе се одлучува колку средства ќе се донираат. Неофицијално за „Нова Македонија“ оттаму велат дека советниците ќе одлучуваат за донација од 60 до 100 илјади денари.
Неофицијално дознаваме дека сите општини што сакаат да донираат, тоа ќе го сторат со уплата на средства на сметката што Црвениот крст ја има отворено за помош на Турција и Сирија, па парите оттаму ќе завршат кај потребните општини и институции во двете земји.
МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ СО МАСОВНИ ДОНАЦИИ ЗА СВОИТЕ СОГРАЃАНИ, БИДЕЈЌИ СЕКОЈ ГРАЃАНИН НА ПЛАНЕТАТА Е НИВНИ СОГРАЃАНИН
Цела Македонија се крена на нозе откако во медиумите беа објавени информации за земјотресот што срамни со земја неколку града во Турција и Сирија.
На плоштадите во Скопје, Битола и други градови масовно се собираат хуманитарни пакети од граѓаните, составени од топла облека, конзервирана храна, ќебиња и средства за дезинфекција. Па, така, повеќе од стотици пакети со неопходни производи се однесени на неколкуте пункта во Скопје, каде што граѓаните донираат за граѓаните на Турција погодени од земјотресот. Скопјани исто така донираат и во пунктот кај паркот „Ритеил поинт“ во Чаир. Пунктот работи 24 часа. Голем број донации се оставаат и во чаршијата, каде што исто така има посебен пункт. Лицата што се на пунктовите велат дека донации пристигнуваат постојано, од разни возрасни групи. Преку транспортни компании, по сортирањето, сите ќе бидат доставени до најпогодените семејства во Турција.
Пунктови за помош беа отворени и во помалите градови, како и во Битола.
ЛЕКАРИ ВОЛОНТЕРСКИ СЕ СТАВИЈА НА РАСПОЛАГАЊЕ
ЗА ПОМОШ
Хуманоста на дело ја покажаа и македонските лекари, кои несебично се понудија да им помогнат на турските здравствени власти, за да им помогнат во лекувањето на преживеаните повредени граѓани.
Според досегашните информации, околу 170 здравствени работници се пријавиле да заминат во Турција. Министерството за здравство ќе го заврши списокот на доброволци и ќе одлучи кој да замине. Списокот ќе биде предаден во Центарот за управување со кризи (ЦУК), а тој пак преку комуникации со турските власти и НАТО ќе ги извести за капацитетите, човечки и материјални, што ги нуди Македонија. И педијатри се понудија да заминат за да им помогнат на повредените деца.
КАФУЛИЊА СО КРЕАТИВЕН ХУМАН ГЕСТ
Кафулето „Бифе Тафталиџе“ презеде хуман потег повикувајќи ги граѓаните да донираат со пиење кафе во локалот, кое ќе го платат така што ќе донираат парични средства на отворениот број за донации на Црвениот крст.
– Бројот е 143 400. Повикот е 100 денари. Доаѓаш, пиеш кафе „лаваца“ во „Бифе“ или напред, на тераса, праќаш СМС и кафето е платено. Толку можете – толку можеме. Биди човек во живо, не на Фејсбук – им порачаа на граѓаните од локалот, кој се наоѓа на Партизански одреди, во трговскиот центар „Алуминка“.
Гестот масовно го поддржаа граѓаните, кои заминуваат во локалот за да пијат кафе, но и да донираат.
Тимови за пребарување и итна помош од целиот свет беа испратени во Турција и во Сирија, додека спасувачките тимови на ниски температури копаат низ остатоците од зградите срамнети со земја од земјотресот со јачина од 7,8 степени што се случи во понеделникот (6 февруари 2023 година). Бројот на загинати во Турција изнесува најмалку 12.873, а во Сирија има најмалку 3.162 жртви. Спасувачите извлекоа повеќе од 8.000 луѓе од урнатините само во Турција, а околу 380.000 се сместени во привремени сместувања обезбедени од владата.
Турскиот претседател Таип Ердоган во понеделникот рече дека 45 земји понудиле помош во напорите за потрага и спасување. Тој прогласи вонредна состојба во 10 провинции и рече дека се погодени 13 милиони од 85-милионското население во земјата.
Себастијан Гај, шеф на мисијата во земјата за Лекари без граници во северна Сирија, рече дека здравствените установи се преполни со медицински персонал, кој работи „деноноќно за да одговори на огромниот број повредени“.
Австралискиот премиер Ентони Албаниз рече дека федералната влада ќе намени првични 10 милиони долари хуманитарна помош за Сирија и за Турција. Од нив, седум милиони долари се за Турција, додека Сирија преку УНИЦЕФ ќе добие три милиони долари.
Јужна Кореја вети еден милион долари помош, додека Нов Зеланд, Кина и Римокатоличка црква колективно доделија 1,9 милион долари за итна помош.