Турција извести дека втор силен земјотрес за помалку од 12 часа го погоди југоисточниот дел на земјата, а државните медиуми во Сирија објавија дека се почувствувал и во главниот град Дамаск. Според Американскиот геолошки институт, тој имал јачина од 7,5 степени според Рихтерова скала, а епицентарот бил кај градот Караманмараш, на длабочина од два километра.
Бројот на загинати во денешниот катастрофален земјотрес во Турција и Сирија надмина 1.000 лица и се стравува дека тој ќе биде многукратно поголем. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кажа дека само во Турција има најмалку 912 загинати и 5.383 повредени, при што најмногу смртни случаи, 80, има во Газијантеп, сместен 90-ина километри од границата со Сирија.
Сириските власти кажаа дека во земјата има над 320 мртви и повеќе од 1.000 повредени.
-Во Турција се разурнати околу 3.000 згради. Бидејќи расчистувањето на остатоците продолжува, не знаеме до каде ќе расте бројот на мртви и повредени – изјави Ердоган, додавајќи дека околу 45 држави од цел свет веќе понудиле и почнале да испраќаат помош, меѓу кои и САД, Русија и Украина.