Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата информира дека имаме нови ексклузивни сознанија од нашите истражувања на археолошкиот локалитет Влахо, кај Живојно, во Пелагонија. Имено, лабораториското датирање на овој локалитет потврдува дека тој засега е најстарата неолитска населба во Македонија. Датирана во 64 век пред новата ера, таа е основана дури 300 години пред другите во овој регион, што наедно претставува и еден од најраните неолитски локалитети во Европа.
– Освен неговото ексклузивно датирање, локалитетот Влахо е специфичен и по присуството на десетина рова и објекти, што беше регистрирано со геофизичкото скенирање на неговиот простор. Археолошкото истражување на локалитетот го потврди постоењето на овие ровови, како и богатата стратиграфија сочинета од ранонеолитски слоеви во кои има остатоци од куќи од лепеж, белосликана керамика, фигурини, жртвеници, антропоморфни модели на куќи и алатки. Археоботаничките и археолошките анализи укажуваат на консумирање храна од пченица, јачмен, леќа, грашок, јаболка, капини, говеда, овци, кози и свињи, и тоа уште во самите почетоци на овој особено значаен локалитет – споделува Гоце Наумов.
Резултатите добиени од мултидисциплинарното истражување на Влахо кај Живојно се публикувани во списанието „Патримониум“, а уште неколку научни труда се дадени во печат во еминентни светски издавачки куќи.
– Целта на авторите беше овие извонредни сознанија ексклузивно да бидат објавени пред македонската јавност и археолошката фела, по што следува и нивно скорешно публикување во неколку европски и американски списанија. Новите откритија за овој локалитет беа презентирани на меѓународниот собир на Европската асоцијација на археолозите во Будимпешта, како и на предавања во Рим и Берлин, така што археолошката заедница ја препозна специфичноста на оваа неолитска населба и го поддржува нејзиното натамошно афирмирање. На тој начин овој археолошки локалитет постепено го добива своето заслужено место во академскиот свет, што ќе придонесе и за негово подобро презентирање пред пошироката јавност – дополнува Гоце Наумов.
Археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно се истражува веќе неколку години во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Заводот и музеј – Битола, при што се вклучени и експерти од Универзитетот во Базел, Шпанскиот национален совет за наука, Универзитетот во Белград, Заводот и музеј – Прилеп, Институтот за старословенска култура, Археолошкиот музеј на Македонија и студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и од Универзитетот „Гоце Делчев“.
Различни сегменти од овие обемни мултидисциплинарни истражувања се поддржани од германската Фондација за истражување и заштита на тумбите, Универзитетот во Базел, македонското министерство за култура, шпанскиот национален совет за наука, фондот Западен Балкан и Европската Унија.