Дваесет и едногодишен охриѓанец бил претепан од три лица синоќа околу 21 часот пред угостителски објект во центарот на Охрид, објавува „Макфакс“, наведувајќи дека информацијата е потврдена од СВР Охрид.
– На 19.1.2023 околу 22.30 часот во Охрид е пријавен физички напад врз Х.П. (21) од Охрид од страна на С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид, по што на Х.П. му била укажана лекарска помош во Општа болница Охрид. Според пријавеното од Х.П., во угостителски објект лоциран на кеј „Македонија“ во Охрид, а потоа и надвор од објектот, физички бил нападнат од С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид и притоа се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид. Известен е јавен обвинител и СВР Охрид презема мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава – соопштија од СВР Охрид.
Агенцијата БГНЕС објави дека 21-годишниот Бугарин од Охрид е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, тврдејќи дека тој има повеќе испукани пршлени, ребра и скршена вилица, а објави и фотографија од нападното лице.
– Пендиков бил заедно со уште една девојка. Пред да излезе од кафеана беше навредуван и испровоциран од друштвото поради неговата припрадност. Тој моментално се наоѓа на лекување во локалната болница. Се чека неговото транспортирање и префрлање во болница во Скопје – објави БГНЕС.
Европратеникот од бугарската партија ГЕРБ, Андреј Ковачев, го искоментира инцидентот преку две објави на Фејсбук и повика на итна реакција од властите во двете земји.
– Пред малку во Охрид претепале млад човек само затоа што таму бил откриен Бугарин и секретар на бугарскиот клуб. Насилството, омразата и дискриминацијата мора да престанат! Очекувам итна реакција од властите во двете земји! Оваа ситуација е неподнослива. Политичката класа, медиумите и академијата создадоа атмосфера на омраза и прогон на Бугарите. Европските институции секако ќе бидат информирани! Момчето е во болница! Полицијата е известена. По инцидентите со палењето на бугарскиот клуб во Битола, вандализмот и пукањето во клубот во Охрид, предупредив дека сме на работ да се случат работи со смртни последици. Со синоќешното брутално претепување на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид тоа е веќе реалност. Момчето е во болница, во тешка состојба. Денеска сите треба да ги отвориме очите – тоа што му се случи на Кристијан не е случајност! Насилството врз Бугарите од Северна Македонија, вербално, психичко и физичко, е секојдневна појава и норма која почива на институционалната антибугарска пропаганда, врз која продолжува да се гради современиот македонски идентитет. Влевањето омраза кон Бугарите и Бугарија е масовна појава, во медиумите, социјалните мрежи, во учебниците, во институциите. Владетелите и опозицијата во Скопје не само што ефективно не се спротивставуваат на овој сеприсутен говор на омраза, туку ги минимизираат, оправдуваат, па дури и поттикнуваат такви постапки – напиша меѓудругото Ковачев, истовремено повикувајќи ги бугарските власти да прекинат со активностите за преговарачкиот процес на Македонија со ЕУ.