Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ (петти на ранг-листата на АТП) ја забележа втората победа на годинашниов гранслем-турнир, Отвореното првенство на Австралија, во Мелбурн, на дуелот со младиот Французин Енцо Куако (191.), со 6-1, 6-7, 6-2, 6-0.
По елиминацијата на првиот носител и бранител на трофејот, Шпанецот Рафаел Надал, во второто коло вчера испадна и вториот носител, Норвежанецот Каспер Руд, кој на теренот во Мелбурн загуби од Американецот Џексон Бруксби со 3-6, 5-7, 7-6, 2-6.
Изненадување на турнирот претставува и поразот на Германецот Александер Зверев, кој загуби во четири сета (7-6, 4-6, 3-6, 2-6) од 107-от тенисер на ранг-листата на АТП, Мајкл Мох од САД. Пласман во третото коло обезбедија и Русинот Андреј Рубљов (шести носител), кој со 3-1 во сетови беше подобар од Финецот Емил Русувуори, и Бугаринот Григор Димитров, кој го совлада Србинот Ласло Ѓере со 3-0. Г.И.