Фото: Архива/Игор Бансколиев

МАКЕДОНСКИ МАНИФЕСТ ПО ПОВОД ПОСЕТАТА НА РУСКАТА ЦРКОВНА ДЕЛЕГАЦИЈА, СОСЛУЖУВАЊЕТО ВО ЛЕСНОВО И ЛАДНИОТ, ПА И НЕГАТОРСКИ ОДНОС НА НЕКОИ КРУГОВИ КОН ОВОЈ ЧИН

Делегација на РПЦ, на чело со црковниот великодостојник Антониј, со сослужувањето во Лесновскиот манастир и де факто го призна автокефалниот статус на МПЦ–ОА. Овој чин следуваше по давањето томос за автокефалност на нашата црква од страна на СПЦ, кој целосно го прифати и РПЦ. Со овој чин нашата црква како автокефална е прифатена без никакви условувања под уставното име МПЦ–ОА, а нашиот поглавар се титулира како архиепископ охридски и македонски.
Македонски манифест, како и мнозинството Македонци, ја изразува својата благодарност до РПЦ за овој чин и за изразите на братска љубов кон македонските верници и македонскиот народ воопшто. Но од друга страна, забележуваме молк и ладен однос кон овој чин од страна на СИНОДОТ и на некои таканаречени црковни аналитичари. Некои од нив се незадоволни, затоа што им се помрсени плановите за договори под маса далеку од очите на јавноста. Затоа сите во хор изјавуваат дека го очекуваат „вистинскиот“ томос од Вселенската патријаршија, со кој треба конечно да се избришат МПЦ–ОА и титулата на поглаварот. Тоа јавно го кажа Вартоломеј во актот со кој нѐ внесоа во канонско единство со другите помесни цркви, во свеченото обраќање во ФАНАР и во интервју за грчките медиуми, каде што децидно изјави дека не може да се прифати ни М од Македонска црква, за да не се иритираат гркофонските цркви. Прифаќањето на ваков понижувачки томос, во најмала рака е срамен.

Затоа, ние во Македонски манифест сме во дилема дали „епитетот“ на Прличев, ЛЕЦЕМ СВЕТЦИ СРЦЕМ ВОЛЦИ, повеќе им прилега на фанариотите од неговото време или на некои денешни членови на СИНОДОТ и на црковниве аналитичари?
Македонски манифест јавно им порачува на сите оние што се подготвени да го прифатат томосот на Вселенската патријаршија со кој треба да се избришат името МПЦ–ОА и титулата на поглаварот, дека со тоа стануваат соучесници во идентитетскиот геноцид и во идентитетската ликвидација на македонскиот народ, започната со Балканските војни и Букурешт 1913 година, која продолжува со Лисабонската декларација, Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија, а треба да заврши со бришење на името МПЦ–ОА. Сите тие треба да знаат дека македонскиот народ во Втората светска војна со крв се избори за своја МПЦ и нема да дозволи грст среброљупци и неразбрани трговци да тргуваат со нејзиното име. На сите членови во СИНОДОТ и на сите таканаречени аналитичари им порачуваме да не се прават недоветни и неуки. Сите тие многу добро знаат дека автокефалниот статус на нашата црква веќе не е спорен. Со внесување на нашата црква во канонско единство со другите помесни цркви, со томосот на СПЦ за признавање автокефален статус, целосно прифатен од РПЦ, автокефалниот статус на нашата црква веќе е решен. Како автокефална црква, признаени сме дури и од БПЦ.
Што се однесува до името на црквата, тоа е прашање на внатрешно уредување на секоја помесна црква. Во нашиот случај, името на нашата црква и титулата на поглаварот се решени со Уставот на МПЦ–ОА и тоа е завршена работа. Ниту Вселенската патријаршија, ниту која било друга помесна црква нема канонско право да се меша во внатрешните работи на нашата црква.
Поради сето ова, јавно ги повикуваме сите среброљупци и неразбрани трговци да престанат да тргуваат со името на црквата, да престанат да фрлаат прав во очите на јавноста и да ја замајуваат со наводен „вистински“ томос од фанариотите, чија единствена цел е конечно затворање на македонското прашање со бришење на сѐ што е македонско и идентитетска ликвидација на македонскиот народ.

МАКЕДОНСКИ МАНИФЕСТ