Психолошката драма „Мими“, вториот игран филм на Даријан Пејовски, предизвика голем интерес кај публиката, па затоа Кинотеката на Македонија резервира три дополнителни проекции на филмот, во рамките на јануарската програма: филмот ќе биде прикажан на 18, 20 и 21 јануари, со почеток во 20 часот.
По премиерата на филмскиот фестивал „Синедејс“ во Скопје, „Мими“ забележа учество и на филмските фестивали во Пула, и Херцег Нови… Станува збор за копродукција на Македонија-Хрватска-Црна Гора, во режијa и по сценарио на Даријан Пејовски, со Наталија Теодосиева, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Владимир Петровиќ во главните улоги.
„Мими“ е психолошка драма за девојка што, потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Таа работи во трафиката кај својот вујко и повремено се интересира за некој од муштериите. Се запознава со екстровертната Сара и меѓу нив се раѓа пријателство, кое набрзо преминува во многу повеќе од искрено дружење без обврски. Минатото, болно и таинствено, поради кое побегнала во метрополата, пополека ѝ се враќа на Мими, ја мачи и опседнува.