Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ емотивно го доживеа топлото добредојде од публиката на арената „Род Лејвер“ во Мелбурн, каде пред стартот на гранслем-турнирот Австралија опен денеска одигра егзибициски натпревар во хуманитарни цели со домашниот тенисер Ник Кирјос.
Сите 15.000 влезници за дуелот меѓу Ѓоковиќ и Кирјос беа продадени за 58 минути.
Ѓоковиќ, кој пред една година беше депортиран од Австралија, бидејќи не е вакциниран против коронавирусот, беше пречекан со овации од австралиската публика.
– Ви благодарам многу, сега сум малку емотивен, да бидам искрен. Навистина се радував на враќањето на овој терен. Ви благодарам на сите што дојдовте – изјави Ѓоковиќ.
Иако резултатот беше во втор план, двајцата тенисери освоија по еден сет, кој се играше во четири освоени гемови, а победникот беше одлучен во тај-брејк во кој на Ѓоковиќ и Кирјос им се приклучија и играчи во инвалидски колички. Тимот на Кирјос на крајот славеше победа со 10-9.
Првиот годинешен гранслем-турнир почнува в понеделник, а Ѓоковиќ, кој има девет титули на Австралија опен, во првото коло ќе игра против Роберто Кабраљес Баена.