Кои се тие прегрупирања? Тоа се „Огнените во ДУИ“ и Фронтот за европска Македонија на Али Ахмети, широката коалиција на Зоран Заев и шпекулациите за реконструкција на Владата
Претпразнично напишав дека не само празници се ближат, туку можеби и „избори се ближат“ и дека кон крајот на јануари и почетокот на февруари работите ќе бидат појасни. Тоа зашто парламентарните избори во Македонија станаа секојдневна политичка тема и секако бидејќи СДСМ, и покрај уплавот од избори, веќе е во предизборна кампања, а подготвен е и предизборен буџет за 2023 година. Деновиве се најавуваат прегрупирања во политиката, кои се сѐ појасен показател на скори избори и, иако во моментов ја матат сликата, водат кон разбистрување на позициите. Кои се тие прегрупирања? Тоа се „Огнените во ДУИ“ и Фронтот за европска Македонија на Али Ахмети, широката коалиција на Зоран Заев и шпекулациите за реконструкција на Владата.
Всушност матењето што ќе води кон разбистрување започна со објавувањето на наводниот план на Зоран Заев за широка или голема коалиција на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, без ДУИ, за два мандата или осум години, водена од победникот на изборите, а партијата губитник би предложила кандидат за претседател. Целта на ваквата коалиција би била неминовно европска, постигнување единство за ЕУ-преговорите, вклучувајќи ги болните теми, како борба против корупција и реформи како таа на јавната администрација. Од точка на национални интереси, звучи позитивно. Од теснопартиски позиции, во ваквата коалиција добитник би бил СДСМ, а губитник ДУИ, а ризична е за ВМРО-ДПМНЕ, кое води убедливо во сите анкети.
Оттука не изненадува дека одеднаш, веднаш по наводниот план на Зоран Заев, се раздвижи ДУИ: Али Ахмети ја формулира идејата за Фронт за европска Македонија, а на другата страна „Огнените“ истапија фракционерски и започнаа теренски активности со членството. Идејата за фронт за европска Македонија или коалиција на СДСМ со сите партии на етничките Албанци влече корени уште од 2017 година. Сите партии на етничките Албанци, како ДУИ, Алијанса на Албанците, Алтернатива, ДПА и Беса, се сегашни или биле коалициски партнери на СДСМ изминативе години. СДСМ и Беса имаа предизборна коалиција на минатите избори, која веројатно придонесе во победата на коалицијата на СДСМ. Во ваквата коалиција не би учествувале ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Од точка на национални интереси, звучи негативно. Од теснопартиски позиции, во ваквата коалиција добитник би бил ДУИ, а губитник СДСМ.
Фронт за европска Македонија иако има иста цел како планот на Зоран Заев, лош е за националните интереси на Македонија. Предизборна коалиција на СДСМ со сите партии на етнички Албанци нема како а да не биде видена како фронт за мајоризација врз етничките Македонци, нешто што започна со гласањето за францускиот предлог. Тоа неминовно ќе води во радикализација, анти-ДУИ расположението меѓу етничките Македонци ќе станува антиалбанско расположение, ќе растат раздорот и меѓуетничкиот јаз. Тоа е играње со бензин во непосредна близина на огнот во Косово и растечките тензии меѓу Косово и Србија.
Не верувам дека и СДСМ би играл на оваа идеја, иако коалицијата со Беса беше патот кон претходната победа. Иако победи, СДСМ се наоѓа во маргинализирана позиција во оваа влада, која е влада на ДУИ. Затоа, ако Бојан Маричиќ ја повторува идејата на Али Ахмети, тоа може да биде знак на очај во СДСМ или само маневар за да се изолира „националистичкото“ и „антизападно“ ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ секако би бил победник, бидејќи од Алијанса за Албанците би направил свој приврзок, свој трофеј, како што сега е ДПА. Се надевам дека Алијанса за Албанците нема кратко памтење и се сеќава како беше изиграна од СДСМ и ДУИ на претходните локални избори.
Планот на Али Ахмети за Фронт за европска Македонија најверојатно ќе го сруши Беса, која се дефинира како вистинска опозиција, со својот јасен став дека нема да седи на иста маса со Али Ахмети и ДУИ. Но Али Ахмети и ДУИ не би биле тие и не останале речиси дваесет години на власт, ако покрај планот А за Фронт за европска Македонија, немаат и план Б, а планот Б се вика „Огнените“. Нема шанса „Огнените“ да свртат против Али Ахмети и ДУИ. Ако доведат до пад на Владата, печатот е кај Али Ахмети и тие не би биле повеќе на листите, а би имало премалку време за своја листа. А и не би можел да замислам Изет, Муса, Садула да бидат против Али Ахмети. Оттука, „Огнените“ се план Б, да се држи отворена врата за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, доколку планот А за Фронт за европска Македонија не успее.
И СДСМ спрема свој план Б. Тоа е реконструкција на Владата, во која би се отстраниле најблиските луѓе на Зоран Заев од Владата, како казна за неговиот план за широка коалиција и како чекор за зацврстување на двоецот Ковачевски – Зечевиќ. Сигнал се шпекулациите за можната замена на Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи. Со избор на лојален министер на двоецот Ковачевски – Зечевиќ би се консолидирала нивната контрола на безбедносниот апарат, за отстранување можна закана од Зоран Заев, но и со заминувањето на Оливер Спасовски би се отворила вратата за враќање на Максим Димитриевски, градоначалникот на Куманово, кој со Наше Куманово отцепи значајно гласачко тело на СДСМ.
Со СДСМ и ДУИ контрола на безбедносниот апарат и правосудството, ќе игра со прогон, судски случаи, за притисок, а зошто не и расцеп во опозицијата. Секако, се чека и објавата на нови членови на црната листа на САД. И секако тука е играта на обвини го другиот. Така, мојот драг пријател Ерол Ризаов пишува дека ВМРО-ДПМНЕ е кочничар на ЕУ-интеграциите од теснопартиски интереси, само да има избори и да дојде до власт. Ако на СДСМ му е до националните интереси, а не до теснопартиските интереси да остане на власт, има можност да го докаже со распишување предвремени избори, веднаш. Избори на кои партиите ќе ја презентираат својата програма како понатаму и како ќе ја вратат Македонија на правилниот пат.
Авторот е аналитичар, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични