Невработените доктори на наука најчесто се доктори по социјални работи, по педагогија, по политички или економски науки, по филозофија како и доктори по филолошки науки. Меѓу невработените магистри, пак, најмногубројни се оние по економски и правни работи, по јавна администрација и од областа на финансиите и финансовото право
Константно расте и бројот на невработени магистри и доктори на наука. Според евиденцијата на Агенцијата за вработување, во 2008 година имало десет доктори на наука, кои биле без работа, а последната евиденција од август годинава, покажува дека во државава има 31 доктор на наука, кои се водат како невработени. Пред точно десет години без работа биле 191 магистер, а сега таа бројка е 904, што е зголемување за речиси осум пати во период од една декада. Во 2008 година, пак, имало и 18.248 лица со завршено високо образование, кои немале работа, а сега оваа бројка е 11.418, што значи дека во овој дел има намалување.
Според профилот, невработените доктори на наука се доктори по социјални работи, по педагогија, доктори по политички науки, доктори по економски науки, доктори по филозофија како и доктори по филолошки науки. Од магистрите, пак, најмногубројни се оние по економски и правни работи, по јавна администрација и од областа на финансиите и финансовото право.
За сметка на тоа, за период од десет години драстично е намален бројот на невработени лица со неоформено образование. Пред десет години имало 168.872 невработени лица без образование или со основно образование, а денеска таа бројка е 40.613.
Бројот на лица што се стекнуваат со факултетска диплома како и со титула расте, како резултат на многубројните факултети што се отворија, на зголемената проодност во текот на студиите, на намалените критериуми за оценка, како и на тоа што се овозможи поголема достапност до високото образование. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2017 година со звање доктор на наука се стекнале 209 лица, што е зголемување за 6,1 отсто споредено со 2016 година. Најголем број од лицата докторирале во областа на општествените науки, медицинските науки, а другите во областа на техничко-технолошките науки и природно-математичките и биотехничките науки.
Ако се погледнат бројките од соопштенијата од изминатите години, се забележува дека бројот на доктори постојано е во пораст. Од вкупниот број лица што докторирале, најголем процент својата професија ја вршат во образовната дејност.