Фото: Игор Бансколиев

Во март или во април ќе ја имаме одлуката на Европскиот суд на правдата. Ако резолуцијата е поволна, мислам дека суперлигата би можела да почне во 2025 година. Суперлигата ќе биде отворено натпреварување, изјави Лапорта, пренесе АФП

ФУДБАЛ

Претседателот на шпанскиот фудбалски прволигаш Барселона, Жоан Лапорта, изјави дека верува оти европската суперлига би можела да биде во функција од 2025 година доколку клучната судска одлука оди во корист на проектот, објави агенцијата АФП. Процесот во кој се наведува дека управните тела на фудбалот, Европската фудбалска унија (УЕФА) и Светската фудбалска федерација (ФИФА), ја злоупотребиле својата моќ кога се заканувале дека ќе ги исфрлат клубовите или играчите што ќе се приклучат на предложената суперлига, чека пресуда од Европскиот суд на правдата, пишува АФП.
Европскиот фудбал беше потресен во 2021 година од обидот на 12 клуба да основаат суперлига. По реакцијата од навивачите и на владите, повеќето се повлекоа од проектот, а Барселона, Реал Мадрид и Јувентус продолжија да инсистираат на потенцијална суперлига, и покрај неодобрувањето од различни страни, пишува АФП.
– Во март или во април ќе ја имаме одлуката на Европскиот суд на правдата. Суперлигата ќе биде отворено натпреварување – изјави Лапорта за радиостаницата „Кадена СЕР“, пренесе АФП.
Лапорта рече дека сака клубовите да имаат способност сами да управуваат и дека за УЕФА, исто така, може да има место на масата.

– Ако резолуцијата е поволна, мислам дека суперлигата би можела да почне во 2025 година – додаде тој.
Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, кој го претстави првичниот проект за суперлигата во 2021 година, во октомври минатата година изјави дека фудбалот е „болен“ и дека европската суперлига може да го оживее. „Големите шест“ клуба од англиската фудбалска Премиер-лига, Арсенал, Челси, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Тотенхем, беа дел од почетните 12 клуба што го предложија проектот за суперлига. Сепак, тие се повлекоа, ветувајќи дека нема повторно да се приклучат на проектот, а Лапорта предложи суперлигата да работи како ривал на англиската врвна фудбалска лига.
– Мислам дека во почетокот ќе направиме европско натпреварување што ќе се натпреварува со Премиер-лигата. Мислам дека англиските клубови не би влегле во почетокот, тоа е мое лично мислење – рече Лапорта, пренесе АФП.
Лапорта, исто така, вели дека „ќе заврши со спојување“ помеѓу потенцијалната европска суперлига и Премиер-лигата, пишува АФП.