Македонските граѓани и понатаму го исчекуваат најавеното поевтинување на храната, кое никако да се случи. Напротив, цената на храната во Македонија продолжува да расте, наспроти светските трендови на нејзино драстично намалување. Според индексот на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, цените на храната во светски рамки во последно време се намалени за 15-16 отсто, додека во Македонија се зголемени за дури 33 отсто.
Да се скратат трошоците за храна, а да не се загуби од хранливата вредност на купеното
Сведоци сме дека неколку месеци поскапуваа основните продукти, а ниту граѓаните, ниту пак мерките на државата не успеваа да ги зауздат поскапувањата. Во тој контекст, направени се повеќе разговори со специјалисти за исхрана, нутриционисти, кои предлагаат начини како граѓаните да го амортизираат поскапувањето на храната, да заштедат, а тоа да не влијае ниту на обемот ниту на квалитетот на исхраната
Минатата година граѓаните силно ги почувствуваа ефектите од инфлацијата. Во текот на 2022 година цените пораснаа многу побрзо од платите или пензиите во целиот регион, а и кај нас во Македонија. Инфлацијата во државава достигна највисоко ниво во споредба со државите од поранешна Југославија и изнесуваше близу 20 отсто. Секојдневно поскапуваа основните продукти, а ниту граѓаните, ниту пак мерките на државата не успеваа да ги зауздат поскапувањата.
Граѓаните пронаоѓаа различни начини да ги скратат секојдневните животни трошоци, но квалитетот на живеењето како да се придвижи во надолна линија. Во такви околности, некои од граѓаните решија да ги кратат трошоците со тоа што купуваа помалку гардероба, некои се откажуваа од посета на ресторан или помалку го користеа својот автомобил. Сепак, голем дел од граѓаните поскапувањата ги почувствуваа на делот од домашниот буџет поврзан со купување храна, односно купувањето основни животни намирници. Така, граѓаните со поскапувањата или го намалија обемот на купените производи за исхрана или купуваа намирници што не беа со дотогашниот квалитет или со соодветната хранлива вредност, но беа со пониска цена.
Во консултација со нутриционисти, сепак беа посочени неколку ефикасни начини за да се потрошат помалку финансиски средства за исхрана, а сепак да се купи квалитетна храна, со соодветни хранливи вредности.
Со овие неколку универзални совети на нутриционистите, зголемувањето на цените на храната нема драстично да влијае на семејниот буџет, а купувањето храна и нејзиното консумирање ќе биде задоволство.
Направете план и држете се до планот при набавките
Не е паметно да купувате бесцелно сè што ќе ви текне. Планирањето на вашата посета на супермаркет ви помага да заштедите пари. Правењето листа на намирници ви помага да избегнете импулсни купувања.
Поголема е веројатноста да го користите она што го купувате и она што веќе го имате при рака – помагајќи ви да ги намалите трошоците уште повеќе. Не бидете од оние што фрлаат храна.
Планирајте, да речеме, за една недела што ќе направите за оброци, запишете ги потребните состојки и купете ги тие намирници. На тој начин, ќе се откажете од нарачување готова храна од сервисите за достава.
Бидете внимателни при изборот на производите
Нутриционистите секогаш се залагаат да се јадат повеќе зеленчук и овошје. Изборот на замрзната или свежа храна е речиси иста во многу случаи, а изберете ја онаа што е најзгодна во тој момент. Ако замрзнатата слатка пченка е поевтина од свежата или конзервираната, изберете ја неа. Важно е да продолжите да внесувате витамини, минерали, влакна и антиоксиданси во вашата исхрана.
Размислете за замена на поскапото овошје или зеленчук со поевтино. Цвеклото е идеална салата со високи хранливи вредности, кои дури не можете да ги наброите. Зимската зелка и морковот користете ги во што поголеми количества и свежи. Нив ги има во изобилство на пазарите. Празот е исто така зеленчук со извонредни хранливи вредности. Можете слободно да ги изоставите за време на зимскиот период раноградинарските култури, кои во моментов имаат повисоки цени. Од овошјата, јаболката на пазарите имаат многу прифатлива цена, а и тиквите, исто така. Ориентирајте се да консумирате сезонско овошје и зеленчук, кое не само што е најхранливо во моментот туку е и најевтино.
Исто така, погрижете се навистина да го јадете она што го купувате. Не вреди заштедата ако фрлате храна, на пример, овошје од сад на масата што сте го заборавиле. Тоа е уште една причина зошто замрзнатите производи се добар избор, но прво искористете ги свежите производи за попусто да не трошите пари. А не заборавајте да го димензионирате купувањето храна, токму онолку колку што консумирате. И овде, сетете се на првиот совет: планирајте!
Што се тоа единечни цени?!
Ако не знаете што е единечна цена, треба да научите: тоа е цената по единица мера, да речеме за килограм или литар, и на овој начин можете полесно да ги споредите цените на истата храна во другите продавници. Истата таа е означена покрај продажната цена, но со значително помали бројки/букви.
На пример, ако често купувате мусли во помало пакување, можеби има смисла да купите поголема кутија. Ова ќе чини повеќе во тој момент, но ќе биде поевтино за килограм од помала кутија. По правило, помалите пакувања имаат повисока единечна цена.
Во медиумите или на интернет побарајте места на продажба каде што има акции и намалувања на цените
Некои од нас веќе се вешти во следење промоции и скенирање трговски летоци и реклами. Повеќето продавници нудат попусти на одредени артикли, а „поволни цени“ на други. Никој не ве тера да купувате поскапи намирници, затоа внимавајте каде и што купувате.
Јајцата се секогаш поевтини на пазар отколку во големите супермаркети, барем 10-15отсто..
Ако купувате онлајн користејќи услуга за испорака на намирници или подигање, филтрирајте ги производите според она што е на продажба. Ако има маркет што ви е омилен и во кој често одите, преземете ја нивната апликација и искористете ја практичноста на таквото купување.
Една добра стратегија е прво да погледнете што се продава, а потоа да направите план за купување за таа недела. Маркетите обично немаат поскапувања за време на промоциите, затоа искористете ги навреме.
Протеини од животинско и протеини од растително потекло
Храната богата со протеини, како месото, живината и морските плодови имаат тенденција да бидат меѓу поскапите намирници. Постојат начини да заштедите паметно. Растителните протеини, како гравот и леќата, се поевтини од месото. Затоа, оброците без месо можат да ви помогнат да заштедите пари. Но не е неопходно сосема да се откажувате од протеините од животинско потекло, доколку вашата исхрана досега била таква.
Потоа, и замената на еден вид месо со друг може позитивно да влијае на домашниот буџет наменет за исхраната. Пилешкото е речиси исто толку добро како мисирка и е поевтино. Осличот е исто така поевтин од лососот и е многу споредлив во однос на протеините. Ако имате понуда за поголемо количество месо по подобра цена, купете повеќе, па замрзнете. Не чекајте поскапувања, реагирајте.
Протеинот не мора да биде сè или ништо, но малите нешта можат да ви помогнат да заштедите со текот на времето.
Проверете ги датумите на пакувањето
Ако видите дека храната има мувла или е збајатена, јогуртот има надуено пакување – не смеете да го јадете. Како мерка за заштита на потрошувачите се воведе задолжителен рок за употреба и до тој рок е најдобро да се користи. Тоа не значи дека по тој датум храната е неупотреблива, туку дека не е со најдобар квалитет, но сепак е погодна за употреба.
Трговците често ставаат на продажба прехранбени производи што имаат пократок рок на траење, па проценете дали ќе успеете да ја јадете во тој период. Проверете ги тие датуми и во продавницата и дома за да бидете сигурни дека она што го купувате е свежо и прво да ги искористите постарите производи.
Обрнувањето внимание на датумите може да ви помогне да заштедите пари така што ќе јадете храна кога е најсвежа. Не мора да ги третирате овие датуми како тешки и брзи правила за да не ја трошите храната залудно.
Одвреме-навреме добро прегледајте ги замрзнувачот, шпајзот или полиците каде што чувате храна – резерви има секогаш!
Зголемувањето на цените е непријател на секој паричник. Понекогаш кога се чини дека нема што да се јаде во куќата, грешите, секогаш има. Пред да направите список за купување, искористете го тоа што го имате.
Можеби ќе ви треба малку дополнителен напор бидејќи не сте сосема сигурни што да правите со таа ќесичка тестенини или онаа ќесичка брокула од замрзнувачот. Комбинирањето на овие и други намирници за оброк може да помогне да се намалат трошоците.
Ако не сте сигурни, наведете што има во вашиот замрзнувач, бидејќи за што друго служат тие моќни магнети на него? Користете го сето тоа пред да се влоши.
Купувајте наголемо само кога има резон и план за тоа
Да се купи сè наголемо не е најпаметен избор. Тоа значи однапред да потрошите многу пари на намирници. Ова може да биде особено корисно за големи семејства што треба да обезбедат многу храна. Дури и ако не готвите за полна куќа, може да откриете дека има смисла да купите одредени производи наголемо поради значителните заштеди.
Се разбира, пред да го посетите супермаркетот, проверете ја единечната цена на таа храна во вашата локална продавница.
Сменете маркет, прошетајте пешки до втората или третата продавница, а проверете и на соседното зелено пазарче
Многумина од нас се лојални клиенти на локална продавница, но ако видите дека некои (или сите) од нивните цени се многу над просекот, зошто да не се префрлите? Можеби посетата на друга, пешки, па дури и со дополнителни трошоци за превоз, е подобра опција? Или изберете продавница во зависност од намирниците што ги купувате. Нашите пензионери станаа мајстори во оваа игра.
Не секој има можност да купува во различни продавници поради тоа каде живее и колку е лесно да се добие храна. Ако можете да изберете што и каде ќе купите, дефинитивно ќе можете да заштедите пари.
Нештата што дополнително чинат пари
Многумина од вас сакаат практичност, сечени, индивидуално спакувани, погодни за сервирање и одземање… Дали некогаш помислувате дека таквата храна е секогаш поскапа, дури и 50-70 отсто, од истата во обична амбалажа? Дали претходно исечениот леб или посебно спакуваниот сувомесен деликатес навистина се нешто без што не можете да живеете? Надмудрете ги поскапувањата.
Понекогаш тие практични намирници се исплатат, но не постојано. На сите ни треба мала помош за да ја ставиме вечерата на маса, затоа изберете мудро.
Понекогаш цената на сечканиот зеленчук или сос во тегли не е многу повисока. Споредете ги цените на намирниците за свеж и замрзнат зеленчук и видете дали вреди. На пример, сечканиот замрзнат зеленчук е поевтин од свежиот, увезен зеленчук надвор од сезоната.