Фото: Игор Бансколиев

Во македонското собрание веќе неколку месеци се подготвува закон за амнестија на граѓаните што не можат да ги платат казните изречени за непочитување на мерките за време на пандемијата на ковид-19. И иако овој закон има социјална димензија, пред стручната јавност и натаму останува правната дилема за селективна примена на правото. И таа практика трае со децении, од амнестија на терористите и борците на ОНА, потоа отпишување долгови на неплаќачите, легализација на дивоградби, па сѐ до најновата амнестија на прекршителите на ковид-протоколите. Практиката за решавање на политичките предизвици во државата со релативизирање на законите и законитоста нѐ води до правен апсурд и загрозеност на правната држава. Толеранцијата на прекршувањето на законите создава амбиент на неодговорност и необмислени законски решенија, тврдат правниците

ПАНДЕМИЈАТА ПОМИНА, НО ОСТАВИ ЛУЗНИ И ВРЗ ПРАВНАТА ДРЖАВА

Во Собранието веќе неколку месеци се подготвува закон за амнестија на граѓаните што не можат да ги платат казните изречени за непочитување на мерките за време на пандемијата на ковид-19. Иако пандемијата од правен аспект се смета за завршена, односно веќе не се во сила здравствените мерки и протоколите, кои важеа како прописи со сила на закон, изречените казни и понатаму имаат правно извршно дејство и треба да се спроведуваат. Затоа се подготвува закон што треба да ја уреди постапката како на граѓаните, кои се осудени главно за две кривични дела: пренесување заразна болест и непостапување според здравствените прописи за време на пандемија, да им се заменат паричните казни со условни и начинот на кој ќе се одвива постапката за амнестија. Но во новогодишните денови, јавноста беше изненадена од информациите дека додека се очекува законот за амнестија биле приведени некои граѓани, кои досега не платиле за изречените казни, кои изнесуваат и по 3.000 евра со судски трошоци. Само во Кривичниот суд – Скопје до октомври минатата година, 280 неплатени парични казни се променети со затворски, а 205 осудени лица веќе добиле упатни акти да одат во затвор. Во овој суд се и најголем број од граѓаните казнети поради неносење маски, поради непочитување на мерките за изолација на почетокот и за прекршување на полицискиот час или вкупно 1.223 граѓани. Иницијативата за амнестија е произлезена токму од Кривичниот суд во Скопје. Инаку, во сите судови во државата за двете кривични дела парични казни добиле повеќе од 6.000 граѓани. Законот за амнестија нема да важи за рестораните, за кафулињата, за фирмите и за другите правни лица што ги прекршуваа протоколите. Со закон за амнестија, државата ќе им простува на прекршителите на мерките во пандемијата на ковид-19.

Ситуацијата за нов закон за амнестија, кој овој пат главно е мотивиран од социјалниот елемент, односно да им се помогне на граѓаните што не можат да ги платат високите казни, сепак ја отвора правната дилема – дали можеби во Македонија пречесто се посегнува по правниот инструмент амнестија. Секое споменување на овој термин потсетува на болните искуства од минатото кога по пат на политички договор беа амнестирани луѓе со окрвавени раце што во 2001 година ја нападнаа државата и тогаш од страна на меѓународната заедница беа оквалификувани како терористи. Најчесто амнестијата е политички мотивирана, а таков најиндикативен пример е онаа од 2002 година за борците за ОНА по конфликтот од 2001 година. Како некаква форма на амнестија, која ја доведува во прашање функционалноста на институциите на правната држава, низ годиниве на македонската државна независност се провлекуваат разни ситуации на селективно спроведување на законитоста, како, на пример, озаконување дивоградби, толерирање неплаќачи на комунални сметки, кои потоа најчесто ги покрива државата… Амнестијата се применува како некакво ад хок излезно решение од одредена ситуација, но има долгорочни последици за правната држава.
– Законите мора да се почитуваат и да важат еднакво за сите. Со пречесто посегање по амнестијата како правен инструмент се прави извесна селекција на „подобни и неподобни“ за примена на законското дејство, со што се деградира функционалноста на правната држава. Можеби иницијативата за закон за амнестија за оние што не се во можност да ги платат казните изречени за непочитување на ковид-протоколите е мотивирана од социјални причини и има некаква основа со оглед дека е надмината таа здравствено-загрозувачка состојба, но сепак отвора дилема за селективна (не)правда. Ако бидат амнестирани тие што не ги платиле казните, дали ќе бидат обесштетени тие што можеби ги платиле казните? Практиката за решавање на политичките предизвици во државата со релативизирање на законите и законитоста нѐ води до правен апсурд и загрозеност на правната држава. Толеранцијата на прекршувањето на законите создава амбиент на неодговорност, необмислени законски решенија, за кои се смета дека можат да се исправат во од или дури и со амнестија. На пример, Кривичниот законик, досега 21 пат е менуван… А не забележувам ниту намера да се применува неодамна изгласаниот закон за регистрација на граѓански здруженија и фондации, според кој, треба да се преименуваат бугарските здруженија во Македонија – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд на Македонија.
Освен социјалниот елемент, намерата на овој закон за амнестија на прекршителите на ковид-протоколите е да се избегне и одење во затвор на оние што не можат да платат. Другиот аспект е да се избегне пренатрупаноста на затворите, бидејќи сите оние што во рок од две години нема да ги платат паричните казни, казната им се заменува со затворска.

– Каков ни е затворскиот систем и условите во затворите во Македонија, амнестијата можеби е прифатлива опција на правдата. Една година издржување казна во Идризово можеби вреди како две-три години во затвори со нормални услови за функционирање. Во принцип, не може да се ставаат во ист кош разни општественоправни ситуации во кои бил применет инструментот амнестија. Некои биле пополитички ситуации, други го имаат почовечкиот аспект. Конкретно, законот за амнестија за казнетите за непочитување ковид-протоколи е од оние со човечка, социјална димензија и дури мислам дека премногу се одолжува со неговото носење. Законските прописи ја имаат својата улога во даден момент. Кога таа загрозувачка ситуација ќе помине, односно ќе мине некое време, тие изгледаат престроги и треба да се примени оној хуманистички аспект на правото – вели Гордан Калајџиев, професор по кривично право на Правниот факултет при УКИМ.