Мирче Ацев и Страшо Пинџур

Денес е извесно дека борбата на соидејниците и соборците на Страшо Пинџур и Мирче Ацев, колку и да се чинеше „утопистичка“ во тоа време, сепак, заврши како успешна – се создаде македонска национална држава. Но таа борба и трагичната судбина на двајцата македонски херои може да послужат како поука денес дека треба да се бранат националните интереси и човечкото достоинство, тврдат историчарите

По повод 80-годишнината од мачењето и убиството на Мирче Ацев и Страшо Пинџур од бугарскиот фашистички окупатор

Денес кога некој се обидува да го релативизира славното минато на Македонците, обидувајќи се на тој начин да го претстави како сопствено и да го присвои, универзитетските професори и историчарите нагласуваат дека како држава и нација не смееме да заборавиме дека Народноослободителната и антифашистичката борба во Втората светска војна е нераскинлив дел од стремежот на македонскиот народ за слобода и сопствена држава. Во оваа борба, илјадници знајни и незнајни борци ги положија своите животи, а во историската меморија на Македонците особено место заземаат великите национални херои Мирче Ацев и Страшо Пинџур поради нивната истрајност и саможртва. Проф. д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја (ИНИ) вели дека НОБ, антифашистичката борба и трагичната судбина на двајцата македонски херои може да послужат како поука и денес, односно како треба да се бранат националните интереси и човечкото достоинство, без разлика колку и да изгледа дека таквата одбрана е неисплатлива и неможна.

Жестокоста на бугарските методи

По окупацијата на Македонија од страна на фашистичка Италија, нацистичка Бугарија и Царството Бугарија започна македонската борба за слобода и државност. Царска Бугарија, без разлика на нејзиното државно уредување, се одликуваше со авторитаризам, фашизам и расизам. Како таква, Бугарија настојуваше да присвои што поголем дел до територијата на Македонија и во обидот да ги оправда своите територијални претензии постојано ги негираше македонските национални особености и ги претставуваше како бугарски. Притоа нејзиниот државен апаратус не избираше методи и средства во настојувањата да ја уништи Народноослободителната и антифашистичката борба на Македонците. За жестокоста на бугарските методи посведочува и трагичната судбина на Мирче Ацев и Страшо Пинџур.
На 19 декември 1942 година, во обиколка на партизанските одреди и партиските организации во Велешко и Прилепско, Мирче Ацев и Страшо Пинџур биле случајно уапсени во Велес. Од Велес биле пренесени во Скопскиот полициски затвор, каде што биле подложени на мачења за да дадат информации за активностите на македонските партизани. Сведоштво за мачењето и убиството на Мирче Ацев дава началникот на бугарската државна безбедност Љубомир Јорданов.
Според бугарскиот началник, Ацев „одби да даде какви било податоци за својата дејност, па поради тоа го тепавме за да изнудиме од него признание. Во неколку наврати беше жестоко тепан по табаните. Нозете му беа ужасно отечени… Се чудев како може да поднесува толкаво тепање без да каже збор. Тој беше затвореник што беше најмногу мачен, а се покажа најцврст. Едвај одеше и ми рече дека повеќе ништо не чувствува во нозете, бидејќи му беа претепани. За сето време додека беше тепан не викаше, не испушташе ниту еден збор. Околу 6 часот приквечер, јас, Христо Стоилов и Васил Цанков седевме во кабинетот на Цанков. Токму во тоа време дојде агентот Крум Панков и му се обрати на Цанков со следниве зборови: ’Господине началник, Мирче Ацев е во многу тешка положба, умира’. Тогаш Цанков рече: ’Добро, појди таму’. Бидејќи Крум Панков излезе, Цанков ми рече: ’Кажи му на Симеонов (директор на Обласната полиција) дека сам се убил’. Тоа и го сторивме“, вели бугарскиот началник Љубомир Јорданов во своето сведоштво.
Во текот на измачувањата, Страшо Пинџур извикал: „Ѕверови! Јас сум Страшо Пинџур! Доста е тоа за вас!“ Според бугарскиот началник Љубомир Јорданов: „Пинџур, освен што го кажа своето име, не сакаше ништо друго да каже. Поради тоа го тепавме. Го тепале Љубомир Јорданов, Тенјо Рајков, Илија Николов, Андон Донев, Тодор Маринов… Го тепале со гумена палка по табаните и по целото тело, кој каде можел, удирајќи го со клоци по грбот и стомакот, а два-три пати му ги ставале нозете во вода и потоа продолжувале со тепањето. Два дена бил непрекинато тепан. Во многу тешка состојба бил вратен во ќелијата. Другиот ден попладне го испратив Тодор Маринов да го повика на сослушување. Тие се вратија и рекоа дека Пинџур умрел во ќелијата. Штом го рекоа тоа, отидов во ќелијата да го видам. Го најдов како лежи во пена што му избиваше од устата.“
Безживотно тело на Мирче Ацев било украдено од скопската болница и префрлено во домот на Ацеви во Прилеп, за да се погреба на 13 јануари 1943 година. Од друга страна, телото на Страшо Пинџур било однесено во непознат правец и закопано на тајно место и денес сѐ уште не се знае неговиот гроб.

Треба да се бранат националните интереси и човечкото достоинство

За борбеноста, саможртвата и истрајноста на Мирче Ацев и Страшо Пинџур, како и за плејада други македонски комунисти и слободољупци, кои низ македонските шуми го започнаа партизанскиот пукот, проф. д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја (ИНИ) вели дека тие го симболизираат незгасливиот стремеж за слобода на Македонија и Македонците.
– Тие пукотници беа причина да започнат бесните рации на бугарските џандари, ноќните препади и крвавите распити со избиени заби и искршени коски, смртните осуди, ненадејни интернации на цели семејства од „неблагонадежни“, секојдневните посегања по македонското и човечко достоинство, сликите на мртовците по македонските планини, села и мрачни градски улици… Едно е сигурно: на Македонија секогаш ќе ѝ треба сеќавањето од ѕверското изживување врз Страшо и Мирче, ќе ѝ треба memento mori на овие двајца македонски борци и страдалници, како и на многубројните други македонски антифашистички херои, кои со пушка во рака ја извојуваа македонската слобода и правото да се живее човечно и државотворно – вели Александар Литовски.
Според Литовски, токму поради тоа, уште на 15 декември 1944 година, Президиумот на АСНОМ, по предлог од Страхил Гигов, донел решение да испрати барање до АВНОЈ да бидат прогласени за народни херои токму Страшо Пинџур и Мирче Ацев, а тоа формалноправно било завршено веќе на 29 јули 1945 година.
-Денес е извесно дека борбата на соидејниците и соборците на Страшо Пинџур и Мирче Ацев, колку и да се чинеше „утопистичка“, сепак заврши како успешна – се создаде социјалистичката македонска национална држава. Но таа борба и трагичната судбина на двајцата македонски херои може да послужат како поука денес: треба да се бранат националните интереси и човечкото достоинство, колку и да изгледа таквата одбрана неисплатлива и неможна – нагласува проф. д-р Александар Литовски од ИНИ.
Д.Ст.


Убиството на Орце Николов

Јордан Орце Николов (Скопје, 7 јануари 1916 – 4 јануари 1942), македонски комунист, е еден од организаторите на работничкото движење во Скопје и член на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Тој бил прогласен за народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија што го добиле тоа одликување (заедно со Стеван Наумов-Стив, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски-Карпош и Кузман Јосифовски-Питу).
Тој бил организатор на многу штрајкови во Скопје и другите градови во Македонија. Се јавува како иницијатор и организатор и на други акции во предвоениот период, како што се: собирање помош и испраќање борци во Шпанија, организирање прослави по повод годишнината од Илинденското востание, организирање протести и демонстрации против окупацијата на Албанија од страна на фашистичка Италија. Во есента 1938 година, по негова иницијатива е организирана акција за запишување доброволци за одбрана на Чехословачка од нацистичка Германија.
На 27 октомври, Николов со една група Македонци заминува за Македонија. Во околината на Лесковац чека да му бидат испратени фалсификувани документи за да може полесно да ја помине демаркациската линија низ територијата окупирана од Бугарија. Во првиот обид да ја премине граница, во декември 1941 година, не успеал и се вратил назад. При вториот обид, ноќта меѓу 3 и 4 јануари 1942 година, во пробивањето низ демаркациската линија Орце Николов загинува при заседа на бугарскиот окупатор на планината Кукавица, кај селото Туба, во близината на Владичин Хан, Србија.