Епидемиолозите појаснуваат дека периодот на инкубација на вирусот трае од десет до 23 дена, а заболените се најзаразни двата дена пред да се појави исипот. Варичелата, или меѓу народот позната и како овчи сипаници, брзо се пренесува, најчесто меѓу децата, но може да се заразат и возрасните и оние со послаб имунитет
ПЕРИОДОВ ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ОПРАВДАНО ОТСУТНИ ДЕЦА ОД УЧИЛИШТАТА И ОД ГРАДИНКИТЕ
Во многу градинки и училишта изминатиот период има зголемен број на отсутни деца затоа што прележуваат варичела, меѓу луѓето познатa како овчи сипаници. Варичелата е заразно заболување, брзо се пренесува, а децата најчесто лесно ја прележуваат со исип и малку покачена телесна температура, која трае неколку дена. Болниот е заразен два дена пред да избијат сипаниците и додека трае исипот, но не оди во колектив околу две недели. Овие сипаници може да бидат опасни за новороденчињата, бремените жени и за луѓето со низок имунитет.
Во октомври почнало забрзано ширење на сипаниците
Варичелата, според податоците на Институт за јавно здравје (ИЈЗ), во текот на ноември била најчесто регистрирано акутно заразно заболување. Минатиот месец се пријавени 864 заразени лица, или 2,1 пати повеќе во однос на октомври. Во споредба со ноември една година претходно, се регистрира зголемување за 6,4 пати.
Д-р Љуљзиме Бајрами, епидемиолог во скопскиот центар за јавно здравје (ЦЈЗ), вели дека во ноември во центарот се пријавени 226 заразени, а овој број е повисок од бројот на заразени во истиот период лани.
– Нема комплицирани случаи. Заразените имале лесна клиничка слика (температура и исип) – вели д-р Бајрами.
Зголемен е бројот на деца заболени од овчи сипаници и во Куманово, информираа епидемиолози од тамошниот центар за јавно здравје. Трендот на зголемување на бројот на заразени почнал од октомври годинава.
-Речиси 80 проценти од заболените во Куманово се деца од предучилишна и училишна возраст, до 14 години. Има и новороденчиња, но и возрасни членови на семејствата на заболените дечиња – вели д-р Јадранка Стаменковска од ЦЈЗ-Куманово.
Има случаи со воспаленија на бели дробови и на заразени родители
Лекувањето во најголем дел е во домашни услови, бидејќи заболените деца најчесто поминуваат со лесна клиничка слика, но има случаи и со воспаление на белите дробови при намален имунитет.
– Од заболените возрасни, станува збор за родители што во детството не ја прележале болеста, што прави траен имунитет. Последниов месец се регистрирани 119 заболени, а од почетокот на годинава 352 деца – додаваат епидемиолозите од кумановскиот ЦЈЗ.
Кој ја дијагностицира варичелата
Александра Арсова-Костовска, матична лекарка во „Д-р Паскалов“, објаснува дека варичелата ја има преку цела година, но сега има зголемено ширење оти децата се затворени во колективи, како градинки и училишта, а таа лесно се пренесува.
– Ја дијагностицираат матичните лекари. Ние и ги следиме децата и ги препраќаме понатаму на специјалисти, доколку има потреба од тоа. Матичните лекари пријавуваат во центрите за јавно здравје за секое заразено дете. Тоа треба да отсуствува од колективи две недели, односно додека оздрави целосно. Овчите сипаници се заразни два дена пред да се појави исипот и додека го има. Генерално, една недела се отсуствува поради исипот, а следната недела поради подобрување на имунитетот и добро заздравување – објаснува д-р Арсова-Костовска.
За кого може да се опасни овчите сипаници
Децата, според неа, најчесто лесно ги прележуваат сипаниците. Сипаниците може да предизвикаат потешка клиничка слика ако ги прележува возрасен, а се сметаат за најризични за трудници, како и за оние со низок имунитет, како новороденчиња, имунокомпромитирани, лица со малигни заболувања. Епидемиолозите појаснуваат дека периодот на инкубација на вирусот трае од десет до 23 дена, а заболените, пак, се најзаразни двата дена пред да се појави исипот.
– Значајно е да не настане суперинфекција, да не се чеша исипот, редовно да се проветруваат просториите, да се јаде здрава храна – објаснуваат епидемиолозите.
Овчите сипаници ги предизвикува вирусот варичела-зостер. Во домашни услови, за исипот може да се користат средства за ублажување на чешањето. Заболениот од сипаници треба да одржува редовна хигиена (бањање, туширање), а на децата треба да им се скратат ноктите за да се намали ризикот од инфекција на кожата предизвикана од чешање.
Најчести компликации при варичела се бактериските суперинфекции на кожата. Иако ретко, може да се случат компликации како пневмонија и енцефалитис и тоа да доведе до тешки последици или смрт. Епидемиолозите објаснуваат дека кај нас нема пријавено случаи на починати.
Лекар мора да се посети ако температурата трае повеќе од четири дена и е повисока е од 38,9 Целзиусови степени, ако кој било предел со исип изгледа многу црвено, отечено, болен е на допир или има гноен секрет. На лекар треба да се појде и ако болниот има тешкотии со будењето, сонливост, тешкотии во одењето, вкочанет врат, повраќање, тешко дишење, тешка кашлица, јака болка во стомакот. Компликациите кај бремените жени може да бидат многу сериозни, но благодарение на антивирусните лекови и интензивната нега, тоа е многу ретко. Во Македонија не се дава вакцина против варичела.