Фото: Игор Бансколиев

Цените на становите пораснале за 40 отсто во споредба со лани и има шанси поскапувањето да продолжи и понатаму, иако нема реални причини за тоа бидејќи цените на градежните материјали одамна не растат, расте само цената на станбениот квадрат. Она што е симптоматично и чудно е необичниот тренд стари и преуредени станови да се продаваат по цена како да се нови, што нема никаква логика, тврдат нашите соговорници

КУРИОЗИТЕТИ НА ПАЗАРОТ НА НЕДВИЖНОСТИ

Илјада и осумстотини евра за квадрат за стан во Центар, илјада и осумстотини евра за квадрат за стан во Ново Лисиче. Вакви огласи сѐ почесто можеме да забележиме на сајтовите за купопродажба на недвижности.
Цените на становите пораснале за 40 отсто во споредба со лани и има шанси поскапувањето да продолжи, тврдат експертите. Цените на квадратен метар за стан во Скопје се движат од 1.200 до 2.000 евра за квадрат.
Цените и на новите и на старите станови се нереални и надувани, сметаат некои од градежниците. Тоа што сè уште се одржуваат и понатаму растат, според нив, најверојатно е резултат на побарувачката.
– Почнуваат да се изедначуваат цените во регионите низ Скопје, но најчудно е што цената на старите станови ја достигнува цената на новите. За да реновираш квадрат од стар стан се потребни од 250 до 300 евра. Зборувам за да ставиш добар под, добри прозорци и врати. Продавачите видоа дека новиот стан се продава за 1.800-2.000 евра за квадрат, па сакаат да ги нивелираат цените со оние на новите станови, а тоа нема логика. Освен тоа, новиот купувач можеби има поинаква визија какви плочки, под и врати ќе стави во станот што ќе го купи. Меѓутоа, тоа е новата финта, реновираат за да ги продаваат старите станови по цена на новите – вели Никола Велковски, инженер-архитект и поранешен претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија.
Претходно се тврдеше дека цените на становите растат поради растот на цените на градежните материјали, трендот на зголемување на платите во градежниот сектор што влијае на зголемување на цената на крајниот производ, како и на ограничување на понудата, што се јавува како последица на мораториумите за градење и суспендирањето на деталните урбанистички планови. Меѓутоа, цените на градежните материјали одамна не растат, расте само цената на квадратот.

– Лани имаше нагли поскапувања на материјалите. Сега не е веќе тоа во прашање. Цената на работната рака не е поскапена. Затоа, пак, сега имаме недостиг од квалитетна работна рака, се бориме за да добиеме квалитетни работници, тоа можеби и малку ја подига цената на становите. Сопствениците и инвеститорите видоа дека можат упорно да ги зголемуваат цените. Проблемот е што сѐ уште се јавуваат заинтересирани за купување станови. Цело време има побарувачка. А сѐ додека има голема побарувачка, цената за становите може да си расте – вели Велковски.
Тој посочува дека масовно се гради и со тоа драстично се намалува квалитетот на животот.
– На Скопје не му треба веќе градба, му треба квалитетна градба. Квалитетно живеење не е само да се купи стан. Каде се спортот, рекреацијата, училиштата…? Реалност е дека градинките не можат веќе да примат нови деца поради пренаселеност. Не може секоја катастарска парцела да биде градежна парцела. Нека оди зградата во висина, не може веќе да се гради во ширина, мора да има околу зеленило, паркинг. Кој може сега да го пушти детето од влез на улица? Нема веќе простор за рекреација на децата. Жално е за децата што растат – вели Велковски.
Според него, неопходно е да се направи детален урбанистички план и на Скопје да му се даде простор да дише.

– Треба да се направи реурбанизација, да се направат нови урбанистички планови и да се намали бројот на станбени површини. Немаме ние толкава потреба од градби. Градот не може да живее со толку згради. Градот не може да дише со толку популација. Толку е за никаде, но тоа е поголема студија и политика на која треба да се работи – смета Велковски.
Од агенциите за недвижности велат дека побарувачката за станови во земјава и особено во главниот град засега нема никакви знаци на стивнување, ниту, пак, има какви било изгледи за намалување на цената на становите.
Сепак, некои од сопствениците на агенциите коментираат дека цените веќе го достигнале својот максимум и дека ќе стагнираат, но нема никакви изгледи да се намалат.
Побарувачката не стивнува, иако повеќе од една третина од становите во Македонија се ненаселени, а се издаваат рекорден број одобренија за градба. Познавачите на состојбите велат дека пазарот на недвижности во моментов е хаотичен, а празните станови ќе станат голем проблем.
Според пописот на Државниот завод за статистика, од вкупно 839.174 стана, 531.987 или 63,4 отсто се населени, а 307.187 или 36,6 отсто се ненаселени.