Образованието е политички неутрален систем, ќе се коригираат пропустите во учебникот по Албански јазик за петто одделение, велат од Министерството за образование и наука.
-Во однос одредени забелешки пренесени од страна на медиумите во текот на вчерашниот ден за учебникот по Албански јазик за петто одделение, МОН повторно ја информира јавноста дека процесот на одобрување на еден учебник го води Националната комисија за учебници и на истиот во никој случај и од ниеден аспект не влијаат раководните структури на министерството, ниту пак кои било политички чинители – соопштуваат од МОН.
Со оглед на тоа дека образованието, а воедно и целокупниот воспитно-образовен процес се политички неутрални и надвор од дневните партиски политики, а со цел избегнување на инволвираност на одредена политичка партија или структура во учебниците, МОН апелира до авторот на посочениот учебник и Педагошката служба, да постапат согласно Законот за учебници.
-Членот 14 во законското решение децидно уредува во случај ако се констатира дека во одобрен учебник се потребни одредени исправки или дополнувања, а истите не претставуваат повеќе од 30 отсто од содржината на учебникот, Педагошката служба треба да достави барање до издавачот, односно авторот да предложат исправка или дополнување во текстот на учебникот во рок од 30 дена од денот на добивање на барањето. Барање за дополнување или исправка може да поднесе и самиот автор или издавач – информираат од МОН.
Веднаш по постапувањето на авторот и Педагошката служба, Министерството за образование и наука во комуникација со економскиот оператор кој е избран да ги испечати учебниците за учениците од основното образование, во најкус временски рок и без дополнителни трошоци по буџетот, ќе изврши корекција на увидените пропусти и грешки.