Од книгата „Борко Брзозборко“ на Ксенија Маказлиева Трајчева
На големиот одмор, Моника пријде до клупата на Давид:
– Давид, ќе ни помогнеш ли да ги убедиме сите да учествуваат во новогодишната лотарија? – го праша додека тој се подготвуваше да излезе на голем одмор. – Така секој од нас ќе добие подарок од својот „таен“ Дедо Мраз…
– Само кажи ѝ на наставничката и „тајниот“ Дедо Мраз со својата санка ќе се паркира пред нашето одделение – се смееше Давид.
– Ама не сакаме наставничката да знае – се вмеша и Ања, и двете заедно почнаа да му шепотат нешто…
– Најдете си некој друг да убедувате! Само јас ли сум во ова одделение!?
– Само ти го можеш тоа – викнаа двете во еден глас и застанаа пред него. – Ислушај нѐ, па ако не ти се допаѓа идејата, тогаш ништо, те ослободуваме – и двете продолжија да му шепотат.
– Навистина мислите дека е можно тоа?! – праша Давид. – Не знам, не сум сигурен…Не, не…
-Да, да -се смееја во еден глас Ања и Моника, гледајќи право во неговите очи. Давид се двоумеше. Во училницата настана тишина.
– Добро – се согласи Давид – но под еден услов: никој не смее да знае дека сум бил јас, инаку „готови“ сте…
– Договорено – се согласија девојчињата.
На 31 декември
На последниот ден од старата година сите беа подготвени да учествуваат во новогодишната лотарија. На катедрата имаше голема кошница полна со мали, убаво завиткани подароци, на која пишуваше „Кој е твојот таен Дедо Мраз“?
– Кој е твојот таен Дедо Мраз? – наглас прочита наставничката кога влезе во училницата, прашувајќи се какво изненадување смислиле нејзините ученици овој пат. Во тој миг, вратата од училницата се отвори и влезе Дедо Мраз!
– Хо, хо, хо – викаше ѕвонејќи со големото метално ѕвоно.
– За секого од вас има по еден подарок во оваа кошница. Изберете подарок и откријте кој е вашиот таен Дедо Мраз – рече смеејќи се. – А јас, за жал, морам да одам зашто брзам – продолжи – треба низ цел свет да ја пренесам најважната новогодишна вест што предмалку ја слушнавте: Во секој од нас се крие Дедо Мраз, хо, хо, хо…- и чекорејќи како на забавена снимка излезе од училницата. Звукот на неговото ѕвоно одекнуваше низ училишните ходници…
А, во ушите на сите во одделението одѕвонуваа зборовите на таинствениот Дедо Мраз. И сите еден по еден се упатија кон кошницата со подароци, прашувајќи се: „Кој ли ќе биде мојот таен Дедо Мраз“? И уште една мисла им се вртеше низ глава: „Дали навистина во секого од нас се крие барем по еден Дедо Мраз?“
Јас мислам дека ДА, а вие?
Предизвик: Размислете чиј таен Дедо Мраз би можеле да бидете оваа година за новогодишните празници?