Мбапе води со 12 гола предност според постигнатите погодоци за клубот и за репрезентацијата годинава, во сите натпреварувања
ФУДБАЛ – СТРЕЛЦИ ВО ЕВРОПА
Французинот Килијан Мбапе има големи шанси првпат да биде најдобар европски голгетер во една година, според постигнатите голови за клубот и за репрезентацијата, откако напаѓачот на Пари сен Жермен има голема предност пред Норвежанецот Ерлинг Холанд и пред фудбалерот што ги заврши претходните три години на врвот на оваа листа, Полјакот Роберт Левандовски, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Мбапе годинава постигна 55 гола на исто толку натпревари во сите натпреварувања за клубот и за репрезентацијата, вклучувајќи пет хет-трика и седум гола од пенал. Холанд има 12 гола помалку од Французинот од 40 меча, со што Норвежанецот во 2022 година има просек подобар од еден гол по натпревар, пишува УЕФА.
Во претходните три години, најдобар стрелец во календарска година беше Левандовски, и тоа во 2019 година со 54 гола, во 2020 со 47, а лани со 69 погодока.
Во претходните 11 години трипати победи Аргентинецот Лионел Меси (2012, 2016 и 2018 година), кој е и рекордер во тој период со 91 гол во 2012 година. Четири триумфа има Португалецот Кристијано Роналдо (во 2011, 2013, 2014 и во 2015 година), а еден Англичанецот Хари Кејн (2017 година).
НАЈДОБРИ СТРЕЛЦИ ВО ЕДНА ГОДИНА
ГОД. ФУДБАЛЕР ГОЛ. МЕЧ.
2021 Левандовски 69 59
2020 Левандовски 47 44
2019 Левандовски 54 58
2018 Меси 51 54
2017 Кејн 56 52
2016 Меси 59 62
2015 Роналдо 57 57
2014 Роналдо 61 60
2013 Роналдо 69 59
2012 Меси 91 69
2011 Роналдо 60 60
ВОДЕЧКИ СТРЕЛЦИ ВО 2022 Г.
ФУДБАЛЕР ГОЛ. МЕЧ.
Килијан Мбапе 55 55
Ерлинг Холанд 43 40
Роберт Левандовски 42 50
Кристофер Нкунку 37 58
податоците се за европски клубови од врвни лиги (вклучувајќи ги домашните купови, со исклучок на пријателските) и сениорски репрезентации (вклучувајќи пријателски)
Извор: УЕФА