Столпчињата поставени на средината од коловозот решаваат само дел од сообраќајниот проблем пред новиот трговски центар / Фото: Игор Бансколиев

Просторот околу новоизградениот трговски центар во скопската населба Крњево, по изградбата на молот „Ист гејт“, е перманентно „окупиран“ од различни видови возила. Откако беше изграден центарот, граѓаните масовно се обидуваа да паркираат што е можно поблиску до влезните врати, а оние што сакаа да паркираат во подрумските простории на објектот, без нималку грижа на совеста, своите возила ги вртеа на самата улица полукружно. Бидејќи со тоа причинуваа сообраќаен хаос, а претставуваа и голема закана за другите возила, особено за пешаците што преминуваат улица на две-три локации пред објектот, градските власти прво донесоа одлука со 50 рефлектирачки столпчиња да му стават крај на сообраќајното самоволие на возачите. Откако увидоа дека тие не помагаат многу, односно дека возачите пред нив и по нив повторно вртат полукружно, одлучија комплетно да ги одвојат двете сообраќајни ленти со столпчиња, за да го спречат ваквото однесување на возачите на улицата Беласица

КАЈ НОВИОТ ТРГОВСКИ ЦЕНТАР „ИСТ ГЕЈТ“ СЕРИОЗЕН СООБРАЌАЕН ПРЕДИЗВИК ЗА СИТЕ НАДЛЕЖНИ СЛУЖБИ

Изградбата на големи трговски центри во Скопје главно е позитивно дочекувана од страна на граѓаните. На тој начин граѓаните се привлечени од нови ексклузивни продавници за стока за широка потрошувачка, доаѓаат светски модни брендови и нема потреба да се патува во странство да се купи нешто што веќе станало достапно и тука. Но неоспорен факт е дека токму изградбата на тие големи трговски центри, во рамките на поширокиот центар на градот, наместо во неговата околина, е причина за дополнителен сообраќаен хаос. Надлежните, брзајќи да им издадат градежна дозвола на инвеститорите, како да не водат доволно грижа за исклучително важните работи што се во нивна надлежност, не само за комуналните предизвици. Тука треба да се мисли и на низа други околности, како на пример на инфраструктурните, односно сообраќајните решенија за големата сообраќајна фреквенција што го придружува секој голем јавен објект.
Наместо да се изгради сообраќајница што ќе овозможи непречено движење околу трговскиот центар, или барем да се приспособат постојните, на овие улици се создава сообраќаен хаос и застој, од кој сите добиваат главоболки. Огромните колони возила беа редовна слика кај „Сити мол“ (општина Карпош), а сега исто така е и кај „Ист гејт“. Овие сцени речиси секогаш се проследени со забавен сообраќај, кој кај возачите предизвикува нервоза, од која подоцна избиваат кавги и пцости, кои на моменти резултираат и со сообраќајни инциденти, во обид да се докаже кој има првенство на минување.

БЕСКРУПУЛОЗНО УЗУРПИРАЊЕ НА УЛИЦИТЕ

Просторот околу новоизградениот трговски центар „Ист гејт“, во скопската населба Крњево, е „окупиран“ од возила. Откако беше изграден центарот, граѓаните масовно се обидуваа да паркираат што е можно поблиску до влезните врати, а оние што сакаа да паркираат во подрумските простории на објектот, без нималку грижа на совеста своите возила ги вртеа на самата улица полукружно.
Бидејќи со тоа причинуваа невиден хаос, а и претставуваа голема закана за другите возила, особено за пешаците што преминуваат улица на две-три локации пред објектот, градските власти прво донесоа одлука со 50 рефлектирачки столпчиња да му стават крај на сообраќајното самоволие на возачите. Откако увидоа дека тие не помагаат многу, односно дека возачите пред нив и по нив повторно вртат полукружно, одлучија комплетно да ги одвојат двете сообраќајни ленти со столпчиња, за да го спречат ваквото однесување на возачите на улицата Беласица.
Кога беа поставени првите 50 рефлектирачки столпчиња на оваа локација, од јавното претпријатие „Улици и патишта“ истакнаа дека ги поставуваат за одвојување на двете коловозни ленти.
– Рефлектирачките столпчиња се поставени пред сѐ поради спречување на непрописното движење на граѓаните кон паркингот на овој трговски – информираа тогаш од јавното претпријатие „Улици и патишта“.
Оттаму објаснија дека налогот за работа е даден од Секторот за сообраќај во Град Скопје, а тие како претпријатие се изведувачи на работите и наедно надлежни за редовно одржување на сообраќајната сигнализација и опрема на градските улици и булевари.
Но набргу се согледа дека овој потег не е доволен, па се поставија столпчиња по целата должина на коловозот. Откако градот се одлучи на овој потег, целосно да ги одвои коловозните ленти, нема повеќе закочување на сообраќајот поради непрописното вртење на возилата. Сега возачите немаат можност да ги вртат своите возила полукружно на самата улица, со што се принудени конечно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

МВР КАЗНУВА НА ТЕРЕН

И од Министерството за внатрешни работи информираат дека на оваа локација веќе на големо сообраќајната полиција работи и ги санкционира прекршителите на сообраќајните правила и прописи.
– Од страна на полициските службеници од Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР-Скопје, во периодот од 1.9.2022 година до 30.11.2022 година, на улицата Беласица, пред трговскиот центар се санкционирани 68 лица во согласност со членот 30 став 5 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и 174 лица во согласност со членот 63/6, 66/3, 66/4, 66/5 и 187/6 од истиот закон – велат од МВР.

СЕГА ВЕЌЕ Е ДОЦНА?!

Експертите од областа на сообраќајот, професори што се занимаваат со изработка на сообраќајни решенија при подготвување проекти пред почеток на градбите, велат дека сега веќе е доцна да се подготви соодветно решение што ќе ги задоволи потребите. Сега може само да се интервенира, како во случајов со столпчињата, за да се намалат колку-толку пропустите.
– Кога излезе во јавност информацијата дека на оваа локација ќе се гради толку голем трговски, првото нешто што ние го сугериравме беше дека нема рационален простор што би одговорил на сообраќајните проблеми на овој потег. Еве, паркинг-просторот спроти трговскиот целосно е блокиран од паркирани возила, а е во приватна сопственост. Еден ден сопственикот ќе рече стоп, нема повеќе паркирање тука, и што ќе се случува со тие возила?
Втор проблем е што никој не мислеше на сообраќајни решенија што ги предложивме ние како експерти. Тогаш никој не сакаше да нѐ сослуша, сега веќе е доцна што и да се каже. Улицата пред самиот трговски е премала, не може да одговори на толку голем наплив на посетители. Дополнително, нема никакво сообраќајно решение за проблемот што токму вие го посочувате, а е жива рана на овој дел. Залудни се сега и заштитните столпчиња, бидејќи во практика се гледа дека воопшто не вршат работа – вели експерт од областа на сообраќајот, кој сакаше да остане анонимен.

ИСТИ ПРОБЛЕМИ, РАЗЛИЧНИ ЛОКАЦИИ

Се чини на граѓаните од Крњево, сепак, им е најтешко. Жителите на оваа скопска населба велат дека некои од посетителите сепак ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и внимаваат каде и како паркираат. Но многу повеќе се оние другите, недисциплинираните, кои оставајќи ги своите возила каде што ќе стигнат, им создаваат дополнителни проблеми на локалните жители. Тие додаваат дека она што сега се случува тука, личи на она што се случуваше пред „Сити мол“ на почетокот кога беше изграден.
– Тогаш само кај „Сити мол“ мораше речиси секојдневно да има полиција за да може да се воведе ред во сообраќајот. Бидејќи моите родители живеат таму, знам точно што се случуваше и тогаш ви бев соговорник токму на истава тема. Денес повторно се јавувам како соговорник, но овој пат за улицата Беласица. Она што го прават возачите е невидено. Мрзеливи се и не сакаат да повозат уште педесетина метри и законски исправно да го свртат возилото, па правеа хаос вртејќи полукружно, пресекувајќи две полни линии на коловозот, само за да влезат во подземниот паркинг-простор. Она што е најсмешно е фактот што трговскиот има и други влезови за паркинг, не е само тој пред него – вели Бубе Трајковска, која секојдневно е сведок за случувањата на оваа локација.
Таа потенцира дека сега, откако се поставени столпчињата, конечно е воведен ред.
– Сега, кога ја затворија целата улица со столпчиња, конечно нема самоволно вртење кој каде ќе стигне. Првично со првопоставените немаше никаков ефект, бидејќи ги одминуваа столпчињата и пак вртеа полукружно. Сега веќе е друга приказна – револтирано вели таа.
Според неа, дополнително е хаос со паркинг-просторот, со кој никогаш порано немале проблем.
– Ние сме мала населба и имавме простор и за прошетка и за сѐ. Сега од паркирани возила не можеме од дома да излеземе. Ова е невидена некултура, ни паркираат пред врати, ги узурпираат целосно тротоарите… оваа состојба навистина бара комплетно решавање – вели таа.

[email protected]