Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи вечерва изјави дека долгот за неплатените сметки за струја на здравствени установи и јавните институции ќе биде платен онолку колку што можат да се најдат средства во буџетот, за да не се скрати од други проекти или потреби на граѓаните.
-Се согласувам дека е нужно да се преземат активности во сите овие институции, особено да се влезе во реструктуирање, како што тоа го најавивме и за Пошта, каде веќе почна и од 1 јанаури ќе има целосно нова систематизација, со нови работни места, типови на работни места, нема да се дозволи да се зголемува бројот на вработени, туку се оптимизираат работни места за да се направи пофункционален систем. Тоа се прави и во „Железници Транспорт“ – појасни Битиќи во Дневникот на Сител.
Прашан за најавите за намалување на цената на основните прехранбени производите во декември, Битиќи рече дека остануваат на договорот дека цените би требало да се намалат од 7 до 12 отсто и тоа кај сите производи. Според него, како се приближуваме кон Нова година, цените би требало да покажат одреден пад кон основните прехранбени производи. Додаде дека е отворен да дискутира и понатаму со сите од прехранбената индустрија.
Вицепремиерот Битиќи рече дека на 1 јануари граѓаните, особено најранливите категории на граѓани, кои, како што рече, умешно покажаа дека знаат да штедат, им се заблагодарувам зошто штедат и трошат помалку електрична енерегија, нема да добијат никаков шок, кој опозицијата го најавува.
– Особено сме внимателни кон сите мали потрошувачи од стопанството кои се на регулираниот пазар. Кажавме и докажавме дека овој период плаќаат цена која е далеку помала од берзантската – рече Битиќи.
Битиќи изјави дека доколку официјално го повикаат на суд за случајот со поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири, кој е обвинет за злоупотреба на службена положба, дека ќе одговори затоа што тоа е граѓанска должност.