Селекторот Лазаров го скрати репрезентативниот список

Подготовките за СП 2023 ќе почнат на 20 декември, првиот собир е во Скопје, потоа ќе се замине на мини-подготовки во Маврово, а ќе следуваат пријателски средби со Црна Гора и настап на турнирот „Кроација куп“, каде што Македонија ќе игра со репрезентациите на Австрија и на Израел

РАКОМЕТ – ЗА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА НАСТАП НА СП 2023

Селекторот на македонската репрезентација Кирил Лазаров го објави скратениот список со 23 ракометари, со кои на 20 декември ќе ги почне подготовките за Светското првенство (СП) во Полска и во Шведска (11-29 јануари в година). По првиот собир во Скопје следуваат подготовки во Маврово и пријателски средби со Црна Гора, а потоа се патува на турнирот „Кроација куп“, каде што Македонија ќе игра со репрезентациите на Австрија и на Израел.
Македонија го почнува настапот на СП 2023 на 13 јануари со Норвешка, на 15 игра со Холандија, а на 17 јануари со Аргентина. Најдобрите три репрезентации од секоја од осумте групи ќе обезбедат пласман во следната групна фаза. Групата Ф ќе вкрсти со репрезентациите во групата Е, во која се Германија, Катар, Србија и Алжир. По одигрувањето на втората групна фаза во четврт-финалето ќе се пласираат по две селекции од новите четири групи.
Норвешка има 16 настапи на СП, освои две сребра (во 2017 и во 2019 година). Аргентина има 13 настапи, Холандија еден, Македонија седум, а најдобриот пласман е од СП 2015 во Катар, 9. место. Новиот селектор на репрезентацијата на Норвешка, Јонас Виле, го објави списокот со играчи за настап на СП 2023, на кој е и еден од најквалитетните во светот, Сандер Сагосен. Норвешка до СП ќе одигра три пријателски меча, со Полска, Шведска и со САД. Селекторот на Холандија, Штафан Олсон, го скрати списокот на репрезентативците на 18 играчи, кои, пак, предвидено е да одиграат две пријателски средби, но засега е познат само против ривалот Франција. Во составот се 12 интернационалци (Дани Бајенс од Хамбург, Каи Смитс од Магдебург и други). Аргентинскиот селектор Гиљермо Милано, кој го наследи познатиот Шпанец Маноло Каденас, ги обелодени имињата што ќе настапат на СП, со кои ќе патува во Шпанија за да го одигра традиционалниот турнир „Доминго Барсенас“ во Бенидорм (5-7 јануари), каде што ќе ги одмерат силите со Шпанија, Бахреин и со Романија. Аргентина учествуваше на претходните три летни олимписки игри, на СП ова ќе ѝ биде 14-то учество во низа, а најдобар пласман ѝ е 11-то место на СП 2021 во Египет. Аргентина има 22 ракометари што играат во шпанската лига, а се истакнуваат и централниот бек Диего Симонет и пикерот Лукас Москариело од француски Монпелје. Г.И.


СОСТАВ

ГОЛМАНИ: Марко Кизиќ (Еурофарм Пелистер), Мартин Томовски (Вардар), Никола Митревски (Порто)
КРИЛА: Гоце Георгиевски, Дејан Манасков (двајцата од Вардар), Александар Петковски (Алкалоид), Ненад Костески, Цветан Кузманоски (двајцата од Еурофарм Пелистер), Петар Атанасијевиќ (Еурофарм Пелистер 2).
ПИКЕРИ: Жарко Пешевски (Еурофарм Пелистер), Костадин Петров (Акурејри), Никола Маркоски, Марко Стојковиќ (двајцата од Алкалоид).
БЕКОВИ: Филип Талески, Давид Савревски (двајцата од Вардар), Филип Кузмановски (Хановер), Павле Атанасијевиќ (Еурофарм Пелистер), Иван Џонов, Томислав Јагуриноски (двајцата од Пролет), Игор Ѓоргиев, Мартин Серафимов (двајцата од Алкалоид).
ДЕФАНЗИВЦИ: Едвин Омерагиќ, Михајло Младеновиќ (двајцата од Алкалоид).