Фото: МИА

Психологот д-р Мирјана Јовановска-Стојановска за вознемирувачките настани

Двата случаја во изминатите три дена, во кои мажи се фрлија во реката Вардар во Скопје, ја вознемирија јавноста. Завчера маж се фрлил во реката од мостот „Близнак“ на булевар „Србија“, по што неговото тело беше пронајдено следниот ден од надлежните. А утринава, маж скокнал во Вардар од скалите под Камени мост, по што бил спасен со навремена интервенција на полицијата и на противпожарната бригада, а потоа пренесен во болница, откако случајот бил пријавен, информираат од Министерството за внатрешни работи.

При ваквите инциденти, станува збор за комплексна и осетлива тематика која зависи од повеќе фактори, со што треба да ѝ се пристапи со големо внимание, а целта е да се подигне свесноста за помагање лицата што се соочуваат со овој проблем, пред да се решат за крајниот чекор, според психологот д-р Мирјана Јовановска-Стојановска, која во изјава за „Нова Македонија“ истакна дека е потребно внимателно да се согледаат сите околности во истрагата за да се даде видување за случаите.

Фото: Приватна архива/Д-р Мирјана Јовановска-Стојановска

– Можно е да станува збор за случајност, а може едниот случај да биде поттикнат од другиот, да се добие идеја. Но може и да станува збор за лице што веќе има вакви намери. За да знаеме што точно се случило мора да се согледаат сите околности во истрагата за случаите, да се види дали лицата лежеле во болница, какви биле околностите во семејството, блиската околина, дали имале некаква болест, анксиозни растројства или животни промени и загуби што довеле до длабоко патење, за кое тие сметале дека не можат да најдат решение и да видат излез. Неблагодарно е да се коментираат овие случаи бидејќи би можеле повторно да ги погодат блиските и семејствата на овие лица. Затоа е потребно да се внимава и како се известува во медиумите за оваа тематика – објаснува д-р Јовановска-Стојановска.

Таа ја нагласува потребата за посветување на поголемо внимание на оваа тематика со цел да се пружи помош.

– Секој живот е вреден. Загубата на секој живот претставува загуба за сите, за целото општество и ја потресува јавноста. Обидот за самоубиство и самоубиството претставуваат трајно решение за привремен проблем. Токму затоа е потребна поголема свесност во јавноста, посветување на поголемо внимание, и од блиските и од околината, за луѓето да знаат дека секогаш имаат каде да се обратат за помош – заклучува д-р Јовановска-Стојановска. М.Ж.