Нега и убавина
Жените отсекогаш се стремеле да имаат што е можно подолги и погусти трепки, бидејќи тие важеле за вистинска декорација, која му дава длабочина на изгледот. Во последните десет години, индустријата на вештачки трепки и таканаречените надградби е во полн замав. Но дали знаете дека вашите природни трепки имаат рок на траење? Дали знаете како тие природно се регенерираат?
Како што тврдат експертите, животниот век на една трепка пред да падне може да биде околу три месеци, а потребни се околу два месеца или повеќе додека порасне целосно. Ако трепките се оштетени, механички или хемиски, тоа ќе ги направи покревки, потенки и пократки кога ќе пораснат, а ако фоликулата на трепката е сериозно оштетена, најверојатно влакната на тоа место никогаш повеќе нема да пораснат. Токму затоа одвреме-навреме треба да им помогнете на вашите трепки да се обноват.
Како што се грижите за вашата коса, треба да се грижите и за вашите трепки. Дерматолозите препорачуваат ноќе да ставите тенок слој вазелин на трепките или над очните капаци. Побрзиот раст и должина на трепките може да се стимулираат и со специјално формулирани серуми што може да се набават во аптеките, кои обично содржат состојки за зајакнување и навлажнување на трепките. Регенераторот за трепки, на пример, може да помогне да се спречи кинење на трепките, па тие ќе изгледаат подолго за неколку недели.