Продолжува блокадата на крстосниците кај Мавровка, Црвен Крст и на Илинденска кај потегот од фонтана до СЦ „Борис Трајковски“ откако автобусите на приватните превозници останаа паркирани и утринава.
Приватните автобуски превозници на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ веќе втор ден протестираат со блокади на три важни сообраќајни точки во Скопје. Тие очекуваат решение за нивните барања, односно да се подмири или евентуално да се почне подмирувањето на долгот што Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие го има кон нив.
Возилата чекаат во метежот на главните крстосници, а се очекува ваквата состојба да продолжи додека трае блокадата. Граѓаните, пак, се принудени да најдат алтернативи во сообраќајот, но, поради зголемениот метеж низ алтернативните улици и булевари, има застој во поголемиот дел од сообраќајниците, додека дел од многумина одбраа да се движат со велосипеди, тротинети, или пеш кон своите дестинации.
Истовремено СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно се обвинуваат за ситуацијата преку партиски соопштенија.
„Ефектот од средбите Арсовска – Ковачевски е блокиран град, банкротирано ЈСП и сомнеж за провизии кои завршуваат во приватни џебови“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, додека СДСМ порача дека „Христијан Мицкоски е тој кој стои зад блокадите на приватните превизници и хаосот што му е случува на Скопје“.
Предвидено е автобусите ќе останат на блокадите сè додека не се изнајде решение за проблемот со долгот кон приватните превозници, како и остварување на барањето да се продолжи со исплатите за да можaт превозниците да продолжат со работа, односно сè додека не се седне на маса со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и не се изнајде законски соодветно решение, како што вчера информираше директорот на приватниот превозник „Слобода превоз” Ленин Јовановски.
Градоначалничката Данела Арсовска минатата недела изјави дека нема намера да разговара со приватните превозници, и покрај блокадите и нивните барања.