Приватните автобуски превозници преку социјалните мрежи упатија извинување до граѓаните на Скопје за попреченото движење низ градот, откако изутрина од шест часот повторно протестираат со блокади на неколку важни сообраќајни точки во главниот град, барајќи исплата на долгот што го побаруваат од Град Скопје, објавува МИА.
Откако не беше постигнат договор со градските власти за подмирување на долгот што Град Скопје го има кон нив, приватните превозници од шест часот утрово повторно протестираат со блокирање на двете крстосници пред ТЦ „Мавровка“ и пред Црвен Крст, како и на бул. „Илинден“ во околината на Градското собрание.
Кемал Муриќ од „Слобода превоз“, утрово во изјава за МИА, рече дека нема да се тргнат блокадите се додека нема напредок за излез од состојбата во којашто се наоѓаат.
– Како што најавивме, денеска автобусите се паркирани и ќе бидат тука се додека нема напредок од состојбава, односно да не викнат на разговори и да си договориме за динамиката за исплата на заостанатиот долг, да продолжат неделните уплати за да можеме да се вклучиме на линија, се со цел да не трпат граѓаните – изјави Муриќ.
Од друга страна, граѓаните се принудени да најдат алтернативи во сообраќајот, но, поради зголемениот метеж низ алтернативните улици и булевари, има застој во поголемиот дел од сообраќајниците, додека дел од граѓаните одбраа да патуваат со велосипеди, тротинети, или пеш кон своите дестинации.
За 11 часот е најавена изјава за медиумите на директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски за последните случувања и натамошните чекори на превозниците.