Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу денеска изјави дека до пролет очекува јасна слика за војната во Украина.
– Сега Украина напредува на теренот, враќајќи некои од нејзините окупирани територии. Но, Русија за возврат намерно гаѓа цивилна инфраструктура. Така, животот станува тежок особено за Украинците, и за сите нас – рече Чавушоглу на форумот во Рим.
Тој посочи дека смета дека пред пролет ќе има јасна слика за прекин на огнот или примирје или преговарачка маса.
– Ние нема да се откажеме. Турција ќе вложи напори – рече Чавушоглу.
– Војната на Русија против Украина стана посложена бидејќи борбите на теренот стануваат сè потешки – рече Чавушоглу и додаде дека некои западни земји треба да направат повеќе за двете страни дa се префрлат на преговарачка маса.
Путин е отворен за преговори за Украина, но Западот мора да ги прифати барањата на Москва, соопшти претходно денеска Кремљ, еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден изјави дека е подготвен и да се сретне со Путин доколку на тој начин се стави крај на војната.