Кинеската влада ќе го зајакне енергетското партнерство со Русија и ќе работи заедно со Москва за да обезбеди глобална енергетска безбедност, најави кинескиот претседател Си Џинпинг во пораката до учесниците на четвртиот руско-кинески енергетски бизнис форум.
На четвртиот руско-кинески енергетски форум, кој започна денес, кинескиот потпретседател Хан Женг ја прочита пораката од Си Џинпинг, претседателот на Кина.
Во пораката, кинескиот претседател нагласи дека Кина планира да воспостави уште поблиско партнерство и соработка со Русија во енергетскиот сектор. Во пораката се наведува и дека Кина планира да овозможи развој на еколошки и зелени извори на енергија и да работи заедно со Русите за заштита на глобалната енергетска безбедност и одржливоста на производните синџири.
Во пораката на Си Џинпинг се наведува и неопходноста да се придонесе за „долгорочна сигурност на снабдувањето“.
Кинескиот претседател оцени и дека интеракцијата меѓу Кина и Русија во сферата на енергетиката е камен-темелник на билатералната соработка и ефикасна сила во заштитата на глобалната енергетска безбедност – пренесува агенцијата Тасс.
Си, исто така, посочи дека енергетската соработка меѓу двете земји е стабилна и покрај надворешните ризици и предизвици, додавајќи дека „Русија и Кина ја интензивираат интеракцијата и координацијата и промовираат големи проекти за соработка, што ја покажува руско-кинеската енергетска отпорност“.