Европскиот парламент денеска го одобри предлогот Украина следната година да добие 18 милијарди евра економска помош од ЕУ.
Европската комисија предложи Киев да ја добие сумата во еднакви делови, отплатата на заемот да започне по 10 години, а каматата да ја покриваат земјите од ЕУ.
Комисијата предвидува средствата да бидат искористени за поддршка на основните јавни потреби, вклучително и работата на болниците и училиштата, обезбедувањето засолништа и обновувањето на инфраструктурата оштетена од руските воздушни напади. Заемот се очекува да биде отплатен за 35 години.
– За исплата на заемот потребни се реформи за зајакнување на институциите на Украина и подготовка за нејзино закрепнување на патот кон членство во ЕУ – се вели во соопштението на ЕП.
Се додава дека денешната одлука е донесена со 507 гласа „за“, 38 „против“ и 26 воздржани.
Од почетокот на војната, ЕУ обезбеди 19,7 милијарди евра за поддршка на Украина.
За заемот, одобрен од европратениците денеска, треба дополнително гласање во Советот на ЕУ на 6 декември.