Фото: Маја Јаневска-Илиева

Украина има голема традиција во женскиот ракомет и, секако, ни претставува сериозен ривал. Ќе мора да одиграме најдобро што можеме ако сакаме успех. Сметам дека е подобро да играме со Украина, отколку со Германија или, пак, со Шпанија и затоа не треба да се жалиме на ждрепката. Украина е репрезентација со која можеме да се надигруваме, вели селекторот Љубомир Савевски. Баражот за пласман на СП 2023, црвено-жолтите ќе го играат дома, на 7 или на 8 април в година, а реваншот на гости е на 11 или 12 април

Женската ракометна репрезентацијата на Украина е противникот на Македонија во бараж-двомечот за пласман на Светското првенство (СП), кое треба да се одржи во Шведска, Данска и во Норвешка во 2023 година. Тоа е епилогот по ждрепката што се влечеше во Љубљана (Словенија), а првиот меч црвено-жолтите ќе го играат дома, на 7 или на 8 април, а реваншот на гости е на 11 или 12 април.
Украинките, за разлика од Македонките, претходно веќе имаа еден бараж, во кој двапати го совладаа Луксембург (36-13 и 30-11). На СП 2023, покрај домаќините, преку ЕП 2022 пласман обезбедија уште и Црна Гора, Франција и Холандија.
Пред извлекувањето, Македонија беше во првиот барабан, заедно со Шпанија, Романија, Унгарија, Словенија, Хрватска, Германија, Србија, Полска и Швајцарија, а во вториот беа Чешка, Австрија, Словачка, Украина, Португалија, Косово, Исланд, Италија, Грција и Турција.
– Украина има голема традиција во женскиот ракомет и, секако, ни претставува сериозен ривал. Ќе мора да одиграме најдобро што можеме ако сакаме успех. Сметам дека е подобро да играме со Украина, отколку со Германија или, пак, со Шпанија и затоа не треба да се жалиме на ждрепката. Украина е репрезентација со која можеме да се надигруваме – вели македонскиот селектор Љубомир Савевски.
Украина досега настапи на 11 европски првенства, но последен пат во 2014 година во Хрватска и во Унгарија, каде што го освои 16-то место.

Најдобар пласман на Украина ѝ е сребрениот медал на ЕП во Романија во 2000 година, кога во финалето загуби од Унгарија со 30-32, по продолжението. На светските првенства настапи седум пати, а најдобар пласман ѝ е четвртото место во Хрватска, во 2003 година. На летните олимписки игри (ЛОИ) има само еден настап, во Грција во 2004 година, кога го освои бронзениот медал, по поразот во полуфиналето од Данска и победата во мечот за третото место, на дуелот со Франција (21-18). Македонија, пак, има шест настапи на ЕП, а пет на СП, последен пат во Франција, во 2007 година.
– Станува збор за сериозно квалитетна репрезентација, за која треба добро да се подготвиме ако сакаме да направиме успех, нешто што, секако, го посакува секоја македонска репрезентативка. Верувам во девојките дека може да го направиме тој посакуван чекор и да бидеме дел од тоа СП следната година. Ќе дадеме сѐ од себе и верувам дека ќе го израдуваме македонскиот народ – вели искусната репрезентативка, десниот бек Елена Ѓорѓиевска.
Украина и Македонија досега на ЕП се сретнале двапати и двапати славеле Украинките. Првиот пат во Холандија во 1998 година, во борбата за седмото место (35-21), а вториот пат во Романија во 2000 година, во фазата по групи (27-19).
И на СП двете репрезентации силите ги одмериле двапати, но теренот го напуштиле без победник. Во 2001-та во Италија, во првата фаза по групи (22-22) и во 2005 година во Русија, исто така, во групната фаза (19-19). Г.И.


Мукаетов: Благодарност до ЕХФ за довербата што ни ја укажа

Еден ден пред дуелите за распределба на медалите на Европското првенство (ЕП) за ракометарки (Црна Гора – Франција играа за бронзениот медал и Данска – Норвешка за златото), во Љубљана беше организирана прес-конференција на која коорганизаторите на ова ЕП 2022 изнесоа свои видувања, меѓу кои и претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов.
– Би сакал да ѝ се заблагодарам на Европската ракометна федерација за довербата што ни ја укажа за организација на овој проект. Уште пред пет години, кога ја испративме апликацијата, направивме сѐ што можевме за да бидеме добри домаќини на ЕП, вклучувајќи нови логистички и инфраструктурни решенија од највисоко ниво. По десет години, Македонија конечно беше дел од едно големо натпреварување. Би сакал да им се заблагодарам на сите што беа дел од организацијата, волонтерите од сите три држави, медиумите и сите други што го поддржаа ова ЕП, а секако и на Европската ракометна федерација, која ни даде поддршка при подготовките за турнирот. Сметам дека сите три федерации покажавме дека и во иднина би можеле да бидеме дел од поголеми натпреварувања. Се надевам дека сите вие ќе заминете со добри спомени од Македонија, Словенија и од Црна Гора – рече, меѓу другото, Мукаетов.
Следен предизвик за Македонија на организациски план ќе биде Светското првенство за младинки во 2024 година.


БАРАЖ ЗА СП 2023

Македонија – Украина
Турција – Србија
Романија – Португалија
Исланд – Унгарија
Полска – Косово
Италија – Словенија
Германија – Грција
Швајцарија – Чешка
Австрија – Шпанија
Словачка – Хрватска

мечевите се од 7 до 12 април 2023 година