Изложба на спасени фотографии на Јаневски, сведоштво на една историја
Фотографиите што одбележуваат историја, создадени од доајенот на македонската современа фотографија Живко Јаневски ќе може да се погледнат во Културно информативниот центар на 1 декември
Политички случувања, протести, штрајкови, концерти, но и секојдневни ситуации видени низ фотографскиот објектив на Живко Јаневски ќе можат да се погледнат на изложбата наречена „Живко Јаневски – Точки на интерес“, која ја уреди Станко Неделковски, а ќе се отвори на 1 декември во 19:30 часот во Културно информативниот центар. Времето уловено во рамка.
Изложбата што ја приредува Неделковски, кој и самиот има работено како фотограф, а денес е кустос во Музејот на Град Скопје, е резултат на истражувачки труд со кој спасил и фотографско богатство и парче од македонската културна историја да заминат во неповрат.
Негативите на фотографиите што ќе бидат прикажани на оваа изложба за малку ќе биле фрлени.
Спасени од контејнерите
– Кога поранешното НИП „Нова Македонија“ влезе во стечај, таму сѐ се исфрлаше, се растураше, па ме повикаа како фотограф и како човек од музејот, да видам што се случува со сета опрема и што да се прави. Имаше еден куп картонски кутии што се фрлаа. По ходниците наидов на фотографии и филмски негативи во кутии расфрлани и подготвени за отпад. На една од тие кутии полна со големи и прилично исполнети жолти коверти, беше испишано „Црно бели Живко“ – раскажува Неделковски за тоа како ги пронашол негативите од фотографиите кои ќе бидат дел од изложбата.
Можел само да претпостави што има во ковертите!
-Со дозвола од одговорните во тоа време, кога веќе се расчистуваат кутиите ми беше дозволено да подигнам една која и така ќе заврши во некој контејнер. По преземањето на кутијата и увидот во неа, претпоставката дека во жолтите коверти има црно-бели негативи од фоторепортерот Живко Јаневски, тогаш од непознат период, беше точна. Тој до 2000 година ги извршуваше работните задачи во оваа куќа – раскажува Станко.
Дигитализирани 9.500 фотографии
Жолтиот коверт со негативи од филмовите, Неделковски како голема скапоценост го чувал со години. Чекал да дојде правото време.
– Конечно се создадоа услови за да можам да работам. Во ковертот имаше 285 негативи, осносно околу 9.500 фотографии. Ги дигитализирав целосно. Потоа, од тој материјал направив селекција за да дојдам до овие 110 фотографии што ќе бидат поставени на изложбата – вели Станко.
Документирано осамостојувањето на Македонија, заминувањето на ЈНА, концерти, снимање филмови…
Меѓутоа, за да бидат веродостојно прикажани, морало да се знаат точно од кој настан се и од која година. Тој дел барал сериозна студиозна работа.
– Одев во Универзитетската библиотека и ги прелистував весниците на „Нова Македонија“ лист по лист. Почнав од 1989 година, зашто фотографиите укажуваа на тоа дека потекнуваат од тој период, па наваму. Насловите на фотографиите се вадени токму од текстовите со кои биле илустрирани. Во овие фотографски записи, материјали достапни за оваа изложба, снимени во почеток на деведесеттите години на минатиот век односно од средината на 1989 до 1994 година, документиран е периодот на осамостојување на нашата држава како и времето на големите општествени промени. На филмските негативи запишани се првите денови на плурализмот, новото Собрание, заминувањето на ЈНА од Македонија, протестите за враќање на македонските војници од ЈНА, бројни посети на значајни политички претставници од повеќе земји и организации и бројни други случувања околу Собранието како и бројни културни и спортски настани – раскажува Станко.
Документарен авторски приказ, извонредни материјали, снимени од наш врвен фоторепортер
Тој речиси два месеци секој ден се занимавал со истражување на тоа која фотографија од кој настан е и од кога датира. Пандемијата, пак, и работењето од дома, му помогнале да се посвети на дигитализација на целиот материјал.
– Колку што се визуелен документ поради фотографското сведочење за нашата историја, која мора да биде сочувана, истовремено се и значаен документ за напредокот на македонската современа фотографија. Материјалот не го презентира само времето во кој е создаден туку и големиот креативен напор и знаење на авторот. Истражувањето во големиот материјал (285 црно-бели филмови, 9.500 негативи) упатува на сознание дека станува збор за еден релевантен документарен и авторски исказ. Проценка е дека тоа се извонредни материјали, снимени од еден наш врвен фоторепортер, кои сега и јавно се презентираат во форма на изложба. Имајќи предвид дека станува збор за фотографски материјал со кој ќе се збогати збирката на современа фотографија во Музејот на град Скопје, вредно е да се продолжи со истражување на материјали кои можеби ги има и на други места во „жолти коверти“ кои не завршиле во отпад, независно дали биле „Точки на интерес“ на Живко Јаневски или на плејада на фоторепортери кои поминале низ издавачките куќи – смета Неделковски.
Живко Јаневски – доајен на македонската современа фотографија
Живко Јаневски (Градско, 1.8.1940 – Скопје 15.3.2000) со фотографија почнал да се занимава како член на белградските фотоклубови „Електромашинац” и „Београд” (1957 /1968). За време на своите студии во Белград како член на фото-клубовите освојува низа врвни награди и признанија во земјата и во странство за уметничка фотографија. Во 1962 година ја прави својата прва самостојна изложба во Клубот на Студентскиот дом во Скопје. Во 1965 година има самостојна изложба во Ваљево, во 1966 и во Белград, Р. Србија, во 1974 самостојна изложба поставува во филмскиот Мотовун, Р. Хрватска за да на истата година биде одликуван за Мајстор на фотографија на Југославија, а во наредната година во Берн, го добил највисокото меѓународно признание за уметничка фотографија ЕФИАП. Во 1992 ја отвора ретроспективната изложба насловена “Imagines vitae” во Уметничката галерија – Скопје.
Неговиот талент кон крајот на шеесеттите години од минатиот век го забележал филмскиот режисер и сценарист Живоин Павловиќ кој го ангажирал како филмски фотограф за својот игран филм „Кога ќе бидам мртов и бел”, едно од неколкуте филмски остварувања од т.н. „црн бран” во југословенската кинематографија. Во 1971 година повторно е ангажиран во областа на филмската фотографија, овој пат за потребите на „Црно семе” – дебитантскиот игран филм на режисерот Кирил Ценевски.
Како фотограф професионално почнал да работи по враќањето во Скопје (1968). Целиот свој работен век го минал во НИП „Нова Македонија” како уредник на фотографија на изданијата „Журнал”, „Нова Македонија”, „Вечер”, „Екран”, „Починка”, „Пулс”. Излагал уште на дваесетина групни изложби на најзначајните фотосалони во светот. Освоил 84 награди.
Почина на 15 март 2000 година во Скопје како уредник на фотографија во дневниот весник „Нова Македонија”.
Од 2001 година е востановена годишна „Гран при награда Живко Јаневски” за најуспешни фоторепортерски остварувања.