ВМРО-ДПМНЕ вчера објави дека платите на раководните лица во М-НАВ достигаат и до 5-6 илјади евра, а денеска премиерот Димитар Ковачевски, на новинарско прашање за платите на функционери именувани од Владата, одговори дека самиот не ги знаел платите, но дека е во изработка закон за платите во којшто ќе се дефинира најголемата плата во државата, особено на раководните лица, и сите плати потоа ќе бидат врз основа на таа највисока плата унифицирани.
-Вчера опозицијата објави примања на директори на М-НАВ, кои се повеќекратно поголеми од сите примања во државата. Висината на тие примања јас не знам како е определена, бидејќи не сум се занимавал со тоа прашање. Знам дека таму при определувањето на платата имаат удел и меѓународните организации во кои што таа компанија членува, бидејќи се грижи за контролата на прелетите и летањето над државата. И самите видовте дека при изборот на кадри кои ќе работат таму ја прават консултантски и експертски куќи надвор од државата – изјави Ковачевски по заедничката прес-конференција со европратеничката Гарсиа.
Мора да има закон за плати во јавната управа со којшто ќе се стави ред и конзистентност во примањата особено на раководните лица, рече премиерот и нагласи дека предложил изработка на закон за платите во којшто ќе се дефинира најголемата плата во државата и сите плати потоа ќе бидат унифицирани врз основа на таа највисока плата и ставени во една конзистентна рамка.
-Тоа нема ние да го измислиме, тоа постои во држави и во нашето соседство. Нема да отстапам од концептот за ред и конзистентност кога станува збор за платите на раководните лица – рече Ковачевски.
По реакциите во јавноста за начинот на кој е воден конкурсот во М-НАВ, Ковачевски рече дека веднаш ги повикал директорите на владина седница денеска, но и дека тоа во меѓувреме е завршено според барањата на странските експерти.
Ковачевски додаде дека има позиции што имаат нови директори откако тој е премиер, но дека според него не треба да се прави сензационализам од тоа, туку навистина треба да се поработи на начин да се изберат вистински луѓе за вистинско место.
-Досега од тие коишто јас сум ги поставил не гледам дека има некакви недостатоци во работата, туку напротив – добро си ја работат својата работа и се надевам дека така и ќе продолжат – изјави Ковачевски.