Славејчињата му подарија грст распеани стихови на своето сакано Скопје

Со звуците на „Песна за Скопје“ или „Градот убав“, како што е попозната, која за многумина е и симбол на нашиот убав град, во неделата, во 11 часот, започна 52-то издание на најстариот детски фестивал кај нас – „Златно славејче“, чиј организатор, како и досега, е Советот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје
Во полната сала на Македонската филхармонија, во неделата, поради големиот интерес, се одржаа четири претстави, во 11, 13, 17 и во 19 часот. И повторно, како и многупати досега, плескаа детските рачиња, додека славејчињата пееја „Градот убав пак ќе никне, среде песни в дружен фат, пак ко сонце цел ќе бликне, како топол нежен кат. Скопје младост ти ќе бидеш, Скопје ти ќе бидеш цвет, ти ќе бидеш израз свиден, на сè братско в овој свет“. Оваа песна е химна на фестивалот, а ја напиша маестро Александар Џамбазов, кој, за жал, веќе не е со нас, но младите, нови водители, Марија Јанчевска и Јован Докмеџиев и самите некогашни славејчиња, нѐ потсетија на сѐ што овој голем композитор и човек направил за оваа реномирана манифестација за деца, чиј основач е.
– Добре дојдовте на најшарениот детски фестивал со кој израснаа неколку генерации, заедно го прославуваме роденденот на нашиот град и на фестивалот, кој наполни 52 години. Славејчето е синоним на среќното детство што секое дете го заслужува – рекоа Марија и Јован и потсетија на мотото на фестивалот: „Еднаш славејче, секогаш славејче“.
Беа исполнети 14 нови песнички, направени по мера на децата, разиграни, со убави пораки.

Директорот на фестивалот, Бобан Јосифовски, е задоволен од годинашното издание, а поради големиот интерес, за декември во истата сала на Македонската филхармонија, најави уште неколку фестивалски вечери.
– Драго ми е што по неколку години поради пандемијата на коронавирусот го вративме „Златното славејче“ во неговиот термин, 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, и славејчињата повторно му подарија грст распеани стихови на својот град. Оваа година има навистина убави, певливи песни, со прекрасни текстови, а секоја нумера е проследена со убава анимација, што дечињата ја следеа на големиот видеобим. Подмладениот хор звучи одлично, како и сите солисти и гостите од регионот – вели Бобан Јосифовски.
Меѓу авторите годинава се Владимир Дојчиновски, Ристо Самарџиев, Кристијан Лукаров, Александар Китевски, Цане Петров, Златко Попчевски, Весна Валенте, Иван Стојнев, Марјан Атанасовски, но и Игор Џамбазов. Во хорчето што го подготви Катерина Баталаковска членуваат 70 деца, а за кореографијата се погрижи Виолета Бајрами.
Фестивалот се снимаше и одложено ќе се емитува на неколку национални телевизии.
Специјални гости беа членовите на детскиот хор од Охрид „Ѓердан од бисери“. Тие ја испеаја „Ретка песна“ и им ја посветија на сите деца со ретки болести.
„Со реткоста наша ко редок цвет испраќаме молитва кон целиот свет, да сме силни, да сме здрави, да се држиме за рака, заедно сите, без болка, без мака. Обои дланка, обои лице, покажи еднаквост во твоето срце. Насмевни се и главата горе, испрати љубов колку едно море. Редок си, со душа си чиста, како секоја друга е иста “, пееја децата на сцената, а детските рачиња во публиката силно аплаудираа.

И се редеа песничките за детски свет наречен музика, за соседот Дедо Мраз, за битбокс-кралицата, првите симпатии и мали слатки тајни, за мотор-мен, каубој Џони, но и за есенската симфонија… На сцената ги слушнавме: Јана, Матеја, Васко, Анастасија, Калина, Мина, Огнен, Бисера, Елена, Хана Меланија, Ања, Теона…
Катерина Гелебешева, како последна, на крајот ја исполни песничката „Животот е убав“, на Емилија и Марјан Атанасовски, во која меѓу другото се вели: „Пеј на цел глас, само весело, играј, смеј се, диши длабоко. Душа полна, срце трепери, животот е убав да не заборавиш…“, со која заврши официјалниот дел на 52-то издание на фестивалот „Златно славејче“.
На фестивалот имаше и гости од Романија, Бугарија, Србија и од Албанија.
Можеа да се купат цедиња со песничките од годинашното фестивалско издание, снимено во студиото „Ентерпрајз“ на Валентино Скендеровски. Верувале или не, младите пејачи биле толку подготвени што Тино ги снимил сите песнички за рекордни еден час и 52 минути!

– Ова е новото подмладено хорче на „Златно славејче“ со своите нови сили, кое ита кон нови победи! Дечињата се многу умни, мирни, прекрасно пеат – вели Валентино Скендеровски.
На крајот, како секогаш одекнаа познатите звуци на песничката „За сите деца“, која исто така ја потпишува маестро Александар Џамбазов, а заедно со членовите на хорот, на сцената ги видовме и сите годинашни учесници. Се надеваме дека нивните песнички ќе имаат долг век, како и голем број детски хитови испеани на „Златно славејче“.

М.Т.