На деведесетгодишна возраст, вчера почина Александар Поповски, борец, партизан, претседател во повеке мандати и почесен претседател на Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија со седиште во Битола. Александар Поповски е роден на 13 февруари 1932 година во село Долно Котори, Леринско.
За време на својот живот Поповски е одликуван со повеке признанија. Со указ на претседателството на поранешна СФР Југославија, Поповски во 1987 година е одликуван со орден за заслуги за народ со сребрена звезда. Во 2000 година Поповски е одликуван од македонско-австралиското здружение на воените ветерани во Западна Австралија со орден за заслуги во борбите против фашизмот, а истата година и со медалот „Свети Апостол Павле” од Министерството за иселеништво на Македонија. На 9 август 2009 година Светскиот македонски конгрес му го доделува највисокото семакедонско признание почесната титула македонски сенатор. Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија на Александар Поповски му доделува сребрен медал „Свети Апостол Павле”.
Поповски беше претседател на Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија во Битола во повеќе мандати. Беше основоположник и главен организатор на Пограничната средба на Македонците во Трново, Битолско. Во 2006 година Битолски весник на Поповски му доделува награда за животно дело.
Погребот на Поповски ќе се одржи денес на Буковските гробишта. М.М.